Скопје домаќин на Европското првенство во модерен, џез и класичен балет 2026

Скопје ќе биде домаќин на едно од најголемите и најпрестижни танцови натпреварувања во Европа – Европското првенство во Модерен, Џез и Класичен Балет, кое ќе се одржи од 21 до 29 октомври 2026 година во Спортскиот Центар „Борис Трајковски“.
Организатор на првенството е студиото „Брејк А Лег“, поддржано од национални и меѓународни институции. Очекувањата се дека настанот ќе собере над 3.500 натпреварувачи од најмалку 30 европски земји, со што Скопје ќе стане престолнина на танцот во текот на есента 2026.
Првенството се организира под слоганот: „Место каде што елеганцијата се среќава со традицијата“, нагласувајќи ја врската меѓу современиот танц и македонското културно наследство.
Нашата Македонија е простор каде убавината и традицијата живеат рамо до рамо. Од вековни манастири до величествени планини, од топлината на македонското гостопримство до ритамот на народниот танц — Македонија нуди повеќе од сцена, таа нуди приказна.
За промотивните активности е подготвено првото од неколкуте најавени видеа, со главна улога на Стефанија Гаштарска – првата македонска балерина која настапувала на престижната сцена на Болшој театарот во Москва. Нејзиниот настап ја симболизира елеганцијата, моќта и гордоста на македонскиот танц.
Видеото е во режија на Ненад Смиљковиќ и во продукција на студиото „Брејк А Лег“, со оригинална музика од Александар Јовевски – композицијата „Игра на инструментите“, која ја нагласува магијата и културната длабочина на Македонија. Дел од видеото се и фолклорни танчари, кои ја претставуваат традицијата и етно-идентитетот на земјата.