Шукова: Спремни сме за предвремени парламентарни избори

Во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, кандидатката за градоначалник од редовите на СДСМ, Каја Шукова, зборуваше за состојбата во партијата и нејзината подготвеност за евентуални предвремени парламентарни избори.
„Во изминатава година и пол поминуваме низ процес на консолидација. Почетоците беа тешки, особено во првите неколку месеци, но со текот на времето гледаме дека состојбата значително се подобрува. Нашите членови сè повеќе се враќаат, општинските организации повторно се полнат, а структурата на партијата е обновена,“ изјави Шукова.
Таа додаде дека партиските комисии функционираат сериозно и активно, што, како што рече, ѝ помогнало во изработката на програмата за локалните избори.
„Граѓаните се сè поразочарани од оваа централна власт, а слична е состојбата и на локално ниво, каде голем дел од ветените проекти не се реализирани. Тоа незадоволство се претвора во наша предност,“ нагласи кандидатката на СДСМ.
На крај, Шукова порача дека СДСМ е подготвена за предвремени парламентарни избори кога и да бидат распишани, истакнувајќи дека поддршката за нејзината партија расте од ден на ден.