Што секоја жена треба да направи, а што не смее на Воведение – за здравје, деца, брак и дом
Воведение на Пресвета Богородица во Храмот е еден од најсилните денови во годината за жените во православната традиција.

Празникот Воведение на Пресвета Богородица е единствениот голем црковен празник во кој централна фигура е тригодишно девојче. На овој ден, 4 декември, православните верници се сеќаваат на моментот кога Марија, идната Мајка Божја, доброволно и со радост се искачила по 15-те скали на Ерусалимскиот храм и влегла во Светињата над светињите, местото каде само првосвештеникот влегувал еднаш годишно. Со тој чекор таа станала првиот чист човек по падот на Адам кој застанал пред лицето на Бога без жртва и без страв.

Од тој миг Пресвета Богородица е препознаена како вечен покров и застапничка пред Својот Син за сите жени и деца. Затоа православната традиција го смета 4 декември за ден кога молитвите на жените за здравје, зачнување, деца, брак и семејство имаат особена сила.
Вечерва (3 декември) – подготовка на срцето и телото
Навечерието е време за внатрешно искачување. Како што Марија се подготвувала со пост и молитва пред да влезе во Храмот, така и жената вечерва прави први чекори.
Запалете кандило или свеќа пред иконата на Богородица.
Ако имате света водица и просфора од претходно, ставете мала трошка во чаша водица и испијте ја со кратка молитва за здравје и чистота на телото и душата. Овој чин е симбол на ангелската храна со која Марија била хранета во Храмот и се смета за особено лековит за женски здравствени проблеми и неплодност.
Прочитајте го тропарот или кондакот на празникот и замолете за конкретна потреба.
Радувај се, презарадувана Дево, која треба да станеш Мајка на Царот!
Радувај се, почитувана Царице, која во Царевиот храм дојде да живееш!
Радувај се, на Бога Отецот Ќерко избрана и превознесена!
Радувај се, Мајко на Бог Синот од вековите претскажана!
Радувај се, на Бога Духот Сесвет, Невесто неискусобрачна!
Радувај се, на сета твар видлива и невидлива, Владичице многупосакувана!

Утрото и Литургијата се срцето на празникот, што да направите?
Присуство на Светата Литургија и Света Причест. Ова е најважниот дел. Ако е можно, причестете се. Ако не сте подготвени, барем бидете присутни на цела Литургија, до крајот, и земете просфора и света водица.
За здравје и зачнување
Дома продолжете со пиење на неколку капки света водичка со трошка просфора 40 дена. Овој чин е директно поврзан со чистотата на Богородица и во традицијата се смета за еден од најсилните за женско здравје и зачнување.
За деца и нивна заштита
Утре е традиционално избран ден за прва причест на деца од 3-7 години. Децата се причестуваат меѓу првите и добиваат благослов со иконата на празникот.
За мир и единство во семејството
Земете просфора по Литургијата. Дома пред иконата на Богородица прекршете ја, секој член од семејството нека земе по мало делче. Останатото завиткајте го во чиста крпа и ставете го зад домашната икона. Овој леб се чува цела година и се смета за силен чувар на семејниот мир.
За среќа во бракот
Запалете свеќа пред иконата на Воведение и дајте милостина (леб, пари или помош). Кратката молитва за добар и мирен брак на овој ден е меѓу трите најсилни во целата година.

За бременост
Бремените жени носат барем едно парче новаоблека, стојат на целата Литургија и на крајот замолуваат свештеник за молитва за бремени. Овој благослов се смета за посебна заштита за мајката и детето.
Што не се прави на 4 декември
Во православната традиција овие забрани не се „суеверие“, туку начин денот да остане чист и радосен, за благодатта на празникот да може непречено да влезе во домот и во срцето.
Не се вршат тешки домашни работи (големо перење, шиење, рибање подови, тешко чистење).
Богородица на три години влегла во Храмот за да се посвети целосно на Бога. Затоа, целото внимание се насочува кон молитвата и радоста, а не кон секојдневните грижи.

Не се даваат и не се земаат пари, сол, леб или ножеви на заем.
Сè што се „дава од куќата“ на овој ден симболично ја намалува благодатта што влегла преку празникот. Солта и лебот се симболи на благословот, не се „позајмуваат“ за да остане целосен благословот во домот.
Не се крева глас, не се дозволуваат кавги.
Богородица влегла во Храмот со радост и мир. Секое викање или кавга го нарушува тој мир и ја расипува радоста на празникот.
Не се тагува, не се плаче, не се зборува за тажни работи.
Тропарот вели „Радувај се!“ – денот е предвесник на спасението и на Божиќ. Тага и солзи на овој ден се сметаат за навреда на радоста со која Дева влегла во Храмот.
Затоа 4 декември е ден на мир, тишина и внатрешна радост, ден кога домот треба да личи на малиот храм во кој влегла тригодишната Марија.



