Што е со музичарите? Членови на бендот DNK хоспитализирани по трагедијата во Кочани
Според досегашните информации, некои членови на бендот ДНК биле префрлени во болници во Скопје и Штип, а некои се на домашно лекување. Се чекаат официјални информации за нивната состојба

Некои членови на бендот DNK и придружните вокали, кои синоќа настапија во дискотеката Пулс во Кочани, каде што избувна пожар и загинаа најмалку 50 лица, се префрлени во болница, а дел се на домашно лекување.

Како што откри семејството на еден од членовите на бендот, дел од музичарите се во болница, а дел се пуштени на домашно лекување, јавува порталот Сакам да кажам.
Според досегашните информации, музичарите биле префрлени во болници во Скопје и во Штип. Неофицијално, Панчо е сместен на државната Клиника во Скопје, на одделот за Пластична хирургија каде добива терапија со кислород, а Андреј е хоспитализиран во штипската болница.
Како што пренесуваат пак, српските медиуми, кои подеднакво активно известуваат за големата трагедија во Кочани, семејството на еден од музичарите изјавило дека членовите на бендот не знаеле кој во каква состојба се наоѓа.
Сè уште се чекаат официјалните информации за здравствената состојба на музичарите.
Пожарот избувна вечерта меѓу 15 и 16 март, околу 3 часот наутро, наводно како последица на употреба на пиротехника за време на концертот, на кој присуствуваа околу 1.500 луѓе, по што настанала паника и стампедо.