Што да направите ако ве касне пчела, оса или стршлен – домашни лекови за спас по препорака на билкари
Убодите од инсекти не се секогаш безопасни, за некои луѓе можат да бидат животозагрозувачки. Дознајте кои се првите чекори за спас, што навистина делуваат, и кога веднаш да побарате медицинска помош.

Убодите од инсекти не треба да се потценуваат. Ако не сте алергични, брзата домашна реакција може да биде доволна. Но, доколку има најмала сомнеж за алергиска реакција, и секунда е важна, а животот зависи од тоа колку брзо ќе реагирате.
Во летниот период, убодите од инсекти како пчели, оси, стршлени, па дури и комарци или крлежи, стануваат сè почеста појава. Додека кај повеќето луѓе тие предизвикуваат само локална болка или оток, кај други може да предизвикаат сериозни алергиски реакции или инфекции.
Брзата и правилна реакција може да направи огромна разлика, па затоа е важно да се знае што да се преземе во првите минути по убодот.
Според билкарите, за луѓето што не се алергични, убодот од пчела може дури да има и позитивни здравствени ефекти. Тие препорачуваат едноставен домашен лек: таблетка аспирин или аналгетик да се растопи со неколку капки вода и смесата да се нанесе директно на убодот.
Се држи една до две минути, по што болката, отокот и чешањето значително се намалуваат.

Дополнително, облог од сода бикарбона или свежи, изрендани тревки може да помогне при недостаток од медицински препарати.
Но, ваквите совети важат само за луѓе кои не се алергични. За другите, дури и еден убод може да предизвика анафилактичен шок, односно, сериозна и потенцијално фатална состојба што бара итна лекарска помош. Симптомите вклучуваат: отежнато дишење, забрзано чукање на срцето, вртоглавица, отекување на усните, јазикот или лицето, па дури и губење на свест.
Што треба веднаш да направите:
Отстранете го трнчето (ако го има) што е можно побрзо, без да го стискате, со гребење со нокт или со тврд и остар предмет.
Измијте го местото со вода и сапун за да спречите инфекција.
Нанесете студен облог или мраз (завиткан во ткаенина/во крпа) за да се намали отокот.
Користете антихистаминик или крема против воспаление, како хидрокортизон, ако се појави јак сврабеж или реакција.
Следете ја реакцијата на телото. Ако се влошува состојбата или се појави системска реакција, веднаш повикајте брза помош или отидете во најблиската болница.