Сестрата на прегазената Фросина со срцепарателна порака – и камен ќе се растопи од оваа тивко ноќно ехо
„Честопати, од очај, ги затворам очите и те замислувам – небаре, за некое чудо, ќе се протнеш низ вратата и ќе ја разведриш собата со твоите бои. Разиграно ќе ми речеш „секица мекица“ со твојот глас полн со љубов и палавос“.

Сестрата на трагично загинатата Фросина, Росица Кулакова, се огласи на социјалната мрежа Фејсбук, а нејзините зборови секому ќе ги насолзат очите.
Пораката е напишана како есеј, со наслов „Тивкото ехо на мојата Секица Мекица“. Пишувана е навечер (вчеравечер), и споделена во донците вечерни часови. Можеме само да замислиме со каква борба во себе се соочувала (повторно и повторно) Росица.
„Во тишината на ноќта, често го чувствувам твоето присуство како една милозлива мелодија што ми буди спомени за твојот блескав дух. Се присетувам како твоето присуство ја осветлуваше секоја просторија, како твојата насмевка ни ги ведреше деновите и како со твојот глас ни ги полнеше срцата со љубов.
Но, една кобна секунда ни го смени животот. Ми те одзеде.
Честопати, од очај, ги затворам очите и те замислувам – небаре, за некое чудо, ќе се протнеш низ вратата и ќе ја разведриш собата со твоите бои. Разиграно ќе ми речеш „секица мекица“ со твојот глас полн со љубов и палавост.
И така, барајќи те, ќе налетам на својот лик во некое огледало. Што да видам – одраз на личност што јас не ја познавам. Еден скршен човек од празнината што ја остави твоето отсуство.
Утеха наоѓам во спомените. Силните прегратки, заедничките насмевки, нашата песна и веселите шепотења што ми го размрдуваа срцето. Овие сеќавања се мојот спас. Нем сведок на љубовта што опстојува надвор од времето и тагата. Твојот спомен е моето светилиште и моето засолниште – таму сум среќна.
Моја Дади, до денот кога повторно ќе се сретнеме, ти ветувам дека твојата светлина ќе ја носам во себе. Мојата бескрајна љубов кон тебе останува несогорлив пламен – светилник што ниедна разделба не може да го згасне.
До видување, Фроси“, пишува во лиричната објава на Росица.
Пред две недели и таткото на Фросина се огласи на Фејсбук.
Тодор Кулаков, неутешен и скршен од болка се потсети на овие моменти кога цело семејство се радувале на успехот на Фросина, споделувајќи на Фејсбук негова постара објава.

Објавата е од јуни 2024, од модната ревија на Фросина, кога таткото беше горд и среќен заради својата ќерка, која, за жал, повеќе ја нема.
Потсетуваме (а кој може воопшто и да заборави!), младата модна дизајнерка од Неготино, Фросина Кулакова, загина во тешка сообраќајна несреќа на 22 годишна возраст.
Таа загина на лице место откако во неа удри несовесен возач кој помина на црвено светло и ја прегази на пешачки премин.