„Секој 16 октомври боли исто“ – Весна Петрушевска неутешна на 18-годишнината од смртта на Тоше Проески

Осумнаесет години поминаа од денот кога Македонија остана без својата најголема музичка ѕвезда — Тоше Проески.
Но, за оние што го познаваа, времето не ја ублажи болката. Актерката Весна Петрушевска денес сподели потресна објава на своите социјални мрежи, посветена на својот близок пријател, со зборови што тешко оставаат равнодушен.
„18 години без Тоше… и сè уште не научивме како се живее со таа празнина. Секој 16 октомври боли исто — како првпат. Секоја песна е спомен, секој стих — парче од душата што тој ја остави на овој свет. Имаше светлина што не гасне, глас што не старее и срце што не заборава. Со Тоше не замина само човек, замина добрината во најчистата форма,“ напиша Весна.
Таа се присети и на нивната последна средба, кога набрзина стигнала со своите деца на концертот во Универзална сала, не слутејќи дека токму тогаш ќе се создаде нивната последна заедничка фотографија.
„Трчам, ја заспивам Мина, го грабнувам Кирил и правец Универзална сала. Влегувам задишана во гримиорната и го гледам него – уморен, но со насмевка. Ме праша дали има публика. Го гледа Кирил првпат, го крева и вели: ‘Мореее, курле, најубо!’ Ги сликнав, не знаејќи дека ќе им биде единствена фотографија,“ напиша таа.
Advertisement
Во објавата, Петрушевска вели дека дури и по сите овие години, го чувствува неговото присуство секојпат кога ќе ја слушне песна или ќе погледне кон сцената.
„Цело полнолетство без тебе… кај мене ќе трае цел живот. Ми фали твојата насмевка, прегратка и љубовта. Те сакам, знаеш? Кревам глава и јас ти намигнувам,“ завршува нејзината порака.