Интервју
COVER STORY

Сакам Македонија да ја слушнат надалеку, насекаде, под ѕвездиве – интервју со Џими Роџерс, нашинец во Австрија

Оваа есен е многу креативна за Џими Роџерс. Работи на новиот македонски албум, а веќе промовираше неколку песни.

Advertisement

Роден на Денот на љубовта и израснат во дом исполнет со музика и спорт, Владо Поповски, попознат како Џими Роџерс, ја изгради својата кариера меѓу два света: македонските корени и европските сцени.

Од првите чекори на скијачките патеки, до првите акорди на улиците низ Југославија и Европа, неговата приказна е ретка комбинација на страст, дисциплина и талент што не мирува. Повеќе од три децении живее и создава во Австрија, но токму сега, на неговиот нов креативен врв, повторно се враќа кон македонскиот јазик – јазикот што, како што самиот вели, му го буди најдлабокиот музички „сенс“.

Advertisement

Со нови песни што веќе ја освојуваат македонската публика и албум кој е на пат да се објави, Џими Роџерс ни зборува за љубовта што го обликувала, за патувањата што го научиле да биде слободен, за музиката што не познава граници и за човекот што стои зад гитарата – татко, сопруг, пријател и сонувач под истите ѕвезди што го воделе од тинејџерските години до денес.

фото приватна архива

Роден сте на Денот на вљубените и пораснавте во спортско семејство. Како љубовта, од една страна, и дисциплината што ја носи спортот, го обликуваа Вашиот музички темперамент?

– Роден сум на Св.Трифун или Свети Валентајн, Денот на љубовта, на 14 февруари. Растев во една убава домашна атмосфера со моите родители Гого и Вера и мојата постара сестра Нена. Мајката наша е многу музикална и сака да си запее. Уште од мал ги слушав тие убави песни што ги пееше и тоа разбуди чувства кај мене за песна и за музика. Татко ми беше спортист, скијач, познат во Македонија како Гого Поповски Младиот, така го викаа во спортските кругови. Ме научи да скијам и да се натпреварувам. Како дете имаше моменти кога сѐ тоа мачно ми беше, но подоцна многу ми помогна како човек, да успеам во својата борба со дисциплина и работа. Токму за тоа, подоцна, како возрасен човек, бев и сѐ уште сум многу благодарен. Тоа го добив од дома…Љубов за музика и спортска дисциплина.

фото приватна архива

На 16 години веќе свиревте како уличен музичар низ Европа. Кои лекции од тие рани патувања и денес ве водат низ музиката?

– На 16 години, заедно со другар ми Мишко од Скопје, отидовме на приморје, тогашна Југославија, а потоа почнавме да талкаме низ Европа, патувавме како автостопери во тоа време, тоа беше хит, а воедно и предизвикуваше голем адреналин, бевме смели, желни за доживувања.

Беше многу интересно и поучно, патувањата ни подарија поттик за самодоверба и снаоѓање во разни ситуации. Едно големо животно школо, за нас, тогаш како тинејџери.

Тогаш почнав да собирам искуства, спонтано со настапи на улица и контакт со публика, како и свирење со разни музичари од различни земји, што е огромно искуство за еден музичар на 16, 17 години.
Тоа многу ми помогна да се „ослободам“ пред публиката и да го работам тоа што го сакам, да свирам и да пеам. Убаво е да се работи интернационално со луѓе во оваа наша бранша, да се разменуваат искуства и ноти.

Кога ќе се навратите на Фенси Каубојс (Fancy Cowboys) од 1994 година, што од тогашниот Џими и понатаму живее во музиката што ја создавате денес?

– „Фенси Каубојс“ беше мој прв албум што го снимив на англиски јазик. Во тој период во Австрија/Германија/Швајцарија имаше многу евенти со американска музика, низ сите тие региони. Прво почнав да работам како солист, за подоцна да формирам и еден кантри бенд со кој свиревме буквално насекаде. Тоа беа години со многу кантри музика, свирење, компонирање и продуцирање.

Сето ова време одржувам контакти, колку што времето ми дозволува, и со Македонија, се разбира. Во тој контекст и во далечната 1993 година, бев поканет да настапувам на Макфест 1993, со една моја авторска песна, „Лавинг ју“, тогаш фестивалот беше интернационален.
Подоцна бев исто присутен и во 2003, како и во 2016 година, прекрасен македонски фестивал во Штип.

Доста години и интерес за различни жанрови или ноти кои сум ги препознавал на мојот животен пат ме поттикнале да експериментирам во музиката и да се ослободам да работам и во различни правци, музички стилови.

Со тек на годините, работиш, вежбаш, свириш, пееш, делуваш и го поттикнуваш внатрешниот сенс и потреба да оствариш, да продуцираш нешто ново и некако подруго, бидејќи не сакаш да си бидеш самиот здодевен, а и сакаш да експериментираш во музиката.

Тоа ќе биде тоа што ме водело нанапред во музиката цело ова време и после снимањето на тој мој прв албум „Фенси Каубојс“.

фото приватна архива

Вашиот израз се движи од блуз, рок до смут-џез. Дали стилската слобода е ваш избор или едноставно природен резултат на сите влијанија што сте ги понеле низ годините? Би експериментирале ли со друг стил?

– Во твоето прашање, всушност лежи и одговорот на сѐ ова. Делумно избор, делумно резултат на сите тие разни влијанија низ годините. Јас слушам многу музика и различна музика. Да, сакам да експериментирам.

Живеете во Австрија, но создавате музика на македонски јазик. Каков е вашитe однос со јазикот, дали е носталгија, идентитет, мелодика, или нешто третo?

– Да, живеам во Австрија од 1991 година, тогаш и ја регистрирав тука мојата фирма Џими Роџерс Мјузик.
Овој нов проект на кој почнав да работам и да продуцирам на македонски јазик е еден многу интересен и нов процес за мене кој ме инспирира.

Веќе издадов и синглови, „Како во приказна“ и „Под ѕвездите“, тие две песни веќе се пуштаат на радио „Буба Мара“, едната беше и хит на неделата. Тукушто добив информација дека и третата песна која ја објавив пред четири дена, исто така, и таа може да се слушне на радио, се вика „Како ти, како јас“.

Како животот далеку од татковината се одразува врз вашата креативност, дали оддалеченоста ја продлабочува врската со македонската музичка душа или ја менува на некој нов, неочекуван начин?

– Овој есенски период, 2025, е за мене многу креативен, сконцентриран сум со работа на новиот македонски албум. Паралелно имам и други свои перманентни обврски со мојата работа овде, но многу ми е ок сѐ тоа, успевам да се координирам.

фото приватна архива

Новата песна „Како во приказна“ веќе освојува на прво слушање. Што би сакале македонската публика да понесе со себе после промоциите во Скопје и во Битола?

Да оставам убави ноти, текст, музика позади себе и на македонски јазик. Се има тука во тоа, емоција, мелодика, носталгија и блуз, желба тој мој народ да слуша дека има и ваков некој осврт на музиката како Македонец, Австриец, интернационалец, кој ја носи во себе и својата Македонија, но истовремено и посакува таа Македонија да ја слушнат и наоколу, надалеку, насекаде…под ѕвездиве, како што пеам во својата песна. Тоа ми е желбата и мојата порака.

фото приватна архива

Кој е Владо Поповски кога не е со својата гитара?

Сметам дека сум многу нормален човек, имам жена и два сина, една внука и едно куче. Се обидувам да не им здодевам, по можност, се обидувам да ги разберам, некогаш ми успева, некогаш не, итн…
Функционирам како нормален човек во својот дом, сакам да зготвам понекогаш нешто, сакам друштво, фамилија, средби со луѓе, пријатели, доста сум комуникативен и уживам во тоа.

фото приватна архива

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .
Реклама

Поврзано

Back to top button