Реклама
Интервју

ШАХ како дополнителна активност кај детето не е ТОВАР туку придобивка – интервју со Зоран Стојчевски

Целта на проектот не е секое дете да стане шахист, туку пред сè да ги научиме нашите деца да размислуваат, вели Стојчевски

Реклама

Од 2022 година шахот влезе во нашиот образовен систем и се изучува во основните училишта и тоа од првите одделенија.

Изучувањето на шахот како час е дел од наставната програма како изборна активност кај учениците од прво до петто одделение во предметот слободна активност или како изборен предмет кај учениците од предметна настава. Часот по шах може да го реализира било кој наставник кој присуствувал на обуките организирани од Шаховската федерација на Македонија – Стојчевски.

За тоа колков е интересот за овој спорт меѓу најмалите, на кој начин се имплементира, од каде е позајмена идејата за реализирање на овој проект и во нашето образование, но и за тоа зошто е толку важно изучувањето на шах од мала возраст, како шахот им помага на вашите деца, за овие прашања одговори бараме од шахистот Зоран Стојчевски.

Маркетинг

Доколку размислувате дали е паметно вашето дете или внуче да одбере шах, во продолжение ќе го добиете одговорот.

Уживајте во еден едукативен разговор.

Маркетинг

Од каде се појави иницијативата за проектот „шах во школи“?

Да бидам искрен „шах во школи“ не е нешто што ние го имаме измислено. Европската Унија уште во март 2012 има донесено декларација за имплементирање на шахот во училиштата и веќе има голем дел на земји членки на ЕУ каде што истиот е имплементиран. Конкретно во начинот како кај нас го имплементираме шахот во училиштата најмногу искуства црпиме од начинот како е имплементиран проектот во Полска, Ирска и од искуството на Орце Данчевски наш еминентен шаховски работник и ФИДЕ тренер кој веќе 10 години работи како наставник по шах во ПОУ Јахја Кемал, каде што децата од прво до четврто одделение имаат задолжителен час по шах еднаш неделно.

Кои се активностите кои досега сте ги реализирале поврзани со проектот „шах во школи“ и кои се плановите за во иднина?

Во овие две години имаме одржано педесетина обуки во голем дел на населени места во Македонија и опфатено близу деветстотини наставници.

Во 30-тина училишта во Скопје, Куманово, Гостивар, Струмица, Охрид, Велес веќе е имплементиран часот по шах се надеваме дека наскоро оваа бројка значително ќе се зголеми.

Планирано е во наредниот период да продолжиме со активностите на терен и да реализираме барем по еден час со оние наставници кои се заинтересирани и практично да им покажеме како се изведува часот, да организираме училишни и општински натпревари и дополнителни семинари за наставниците за размена на искуства и споделување на нови методи/техники на предавање со цел да се направи шахот поинтересен за децата и полесен за восприемање.

Која е Вашата порака за наставниците кои сакаат да се вклучат во овој проект, дали е тешко да се одржува часот по шах?

Ги охрабрувам сите наставници кои сакаат да го реализираат часот по шах да се вклучат во оваа иницијатива затоа што реализацијата на часот по шах е навистина лесна и едноставна. ШФМ подготви детална методологија во која е опишана буквално секоја минута од часот како да се одвива, а на наставниците им овозможуваме пристап и до апликација за изучување на шахот.

Деталната методологија е изработена од наши искусни тренери на чело со наставникот по математика Борис Лушевски од Охрид. Следејќи ја методологијата и апликацијата за изучување на шахот на наставникот ќе му биде многу едноставно да го реализира часот по шах и притоа не е задолжително воопшто да има претходни познавања за шаховската игра.

ШФМ овозможува и дополнителна поддршка за наставниците, како на пример доколку не повикаат можеме да одржиме и практични/демонстративни часови каде наши тренери ќе одржат неколку часа по шах со децата да може да видат наставниците и практично како тоа изгледа, во рамките на нашите можности донираме и шаховски гарнитури во оние училишта каде што се реализира наставата по шах и отворени сме за соработка и да одговориме на сите прашања кои би ги имале наставниците при реализација на часот.

Која е Вашата порака за родителите, дали децата треба да го изучуваат шахот и зошто?

Постојат бројни истражувања кои ги потенцираат придобивките од шахот во развојот кај децата, пред се во развојот на интелигенцијата, концентрацијата, логичкото размислување.

 

Свесен сум дека има голем број на родители кои сметаат дека децата се веќе преоптоварени со обемни материјали и можеби сметаат дека изучувањето на шахот, особено уште од прво одделение, е уште еден дополнителен товар. Но верувајте ми тоа воопшто не е така, целиот концепт е изучување на шахот преку игра и токму кога се имплементира уште од најмала возраст, од прво одделение има најмногу придобивки.

 

Целта на проектот не е секое дете да стане шахист, туку пред се да ги научиме нашите деца да размислуваат.

Преку изучување на шахот децата ќе ги подобрат своите когнитивни способности, ќе ја подобрат концентрацијата, фокусот, вештини/карактеристики кои понатаму во животот секако ќе им бидат особено полезни независно со која и професија да одлучат да се занимаваат во иднина.

 

Нормално, се надеваме дека со овој проект ќе најдеме и нови таленти кои ќе го продолжат својот развој низ шаховските клубови и утре ќе бидат достојни репрезентативци на нашата татковина.

 

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button