Реклама
ИнтервјуНега и здравје

Роза Мојсовска, од тешко детство поминато во болници до победа и сопствен дом – „и јас сум денес општествено корисна личност“

По седум безуспешни операции и детство поминато во болници „закована“ за кревет, по младост помината во Заводот, по битката со себе, Роза Мојсовска денес има сопствен стан, три негувателки и две асистентки и богато ликовно и поетстко творештво.

Реклама

Роза Мојсовска е родена во 1966 година и веднаш по раѓањето било утврдено дека е дете со пособни потреби.

„Кога сум се родила, докторите и моите родители видоа дека сум се родила со посебни потреби. Во тоа време немаше такви апарати за да се види дали сум во ред. Не сум можела да дишам, не сум плачела и веднаш ми дадоа вештачко дишење“ – ја започнува Роза својата животна приказна.

фото-приватна архива

„Тогаш болницата беше растурена од земјотресот што беше во 1963 година и требаше да се реновира. Докторите им препорачаа да ме однесат во Белград на лекување. Кога ме однесоа во Белград во болница, тие им рекоа да ме донесат откако ќе престанам да се дојам. Тогаш моите родители ме донесоа во болница, кога бев шест месеци, бидејќи мајка ми не смеела да биде со мене“ – продолжува Роза.

Маркетинг

Во болница била цели три години, а потоа ја зеле дома.

„Бев многу исплашена, бидејќи после три години ги видов моите родители. Не знаев дека така се живеело, мислев дека во болница сум „направена“ и дека докторите ми се татковци, а сестрите мајки, ние децата така ги викавме“ – емотивна е таа додека се сеќава на своето тешко детство.

Маркетинг

Како што вели, по некое време се навикнала на домот, сфатила дека си има свое семејство.

„Дојде време да одам пак во Белград во болница. Таму бев речиси 9 години, но си идев и дома на кратко. Како дете не видов многу добро детство, бидејќи бев постојано во кревет, не излегував надвор, беше многу строго“ – се сеќава Роза.

Ѝ направиле седум операции, но објаснува дека сето тоа било без успех.

„Ме ставија на апарати и одев со патерици, но само половина час можев да бидам на апарати, после многу имав болки на нозете, не можев повеќе да издржам. Исто така и на рацете ми ставаа некои ластици за да ми ги исправат прстите, ама сето тоа беше безуспешно“ – ни објаснува соговорничката која денес е уметница.

Кога првпат почувствувавте љубов кон цртањето?

– Моето детство беше само страдање, дури ми ги кршеа нозете и рацете за да оздравам, многу се мачев.

Мојата желба беше да сторам нешто, ја зедов боицата во уста и нацртав цвет. Тогаш имав 7 години. Беше ден на жената, 8 Март, и нацртав цвет. Кога го видоа тоа учителките и другите, се восхитија, тогаш видов дека јас имам талент!

После кога си отидов дома, во Скопје, требаше да се школувам, но во тоа време не можев да се школувам. Во мојот дом имаше многу скали, бидеќи живеев во зграда, школото ми беше многу блиску, но не можев сама да одам.

Како дете едвај чекав мајка ми и татко ми да ме изнесат надвор пред вратата и седев на скали помеѓу куп играчки. Сите деца доаѓаа да си играме. Тоа за мене беше многу радосно.

Моите родители отидоа во училиштето да ме запишат, но директорот и наставниците им рекоа „кој ќе ѝ ја земе книгата од чантата и кој ќе ѝ пишува во тетратката, кога не може ниту да разлистува книга“.

Го продолжи ли школувањето во специјално училиште?

– Потоа, моите родители отидоа во Домот за социјални грижи, и таму им рекоа дека има установа, ме испратија во Завод за заштита Бања Банско Струмица за да се школувам. Заминав на школување во 1976 година,во Банско.

Таму се школуввав и таму видоа дека имам талент за цртање. Донаторката од Англија Сју Рајдер кога го посети Заводот во 1984 година се заинтересира за мене, и ми направија изложба во Италија, во Ватикан, таму се сретнавме и со Папата, му подарив слика.

Инаку, јас многу се срамев да цртам со уста пред јавноста, само најблиските знаеја.

фото-приватна архива

Потоа се посвети и на поезијата?

– Во Заводот, додека се школував, почнав да пишувам поезија. Мојот живот не беше многу добар, немав можности да бидам како другите млади, да се шетам, да излегувам на корзо, во диско, да одам во ресторани и така натаму.

Немав друштво, не можев да одам по продавници да си купам нешто. Кај моите родители, додека беа живи, си одев дома, но кога починаа останав во Заводот.

После некое време дојде телевизија, ме снимија со цртежите и им кажав некоја моја песна. Но, ниту на телевизијата не се покажав дека цртам со уста. Навистина многу се срамев, бидејќи мислев дека ќе ми се смејат и нема да ме прифатат таква каква што сум.

Како се случи да се отвориш пред јавноста?

– Едни жени се заинтересираа за мене, ме посетија и ме прашаа дали можам да напишам песна за Господ Исус Христос. А јас се насмевнав и им реков, како ќе напишам песна за Исус, кога јас не го познавам?

Жените ми оставија книга, Светото Писмо, и ми рекоа да ја прочитам. Ја читав книгата, но ништо не можев да разберам.

Пред Нова година, во 1995 година, дојдоа Американци и двајца млади момчиња од Струмица за да им преведуваат на Американците.

Тие оддржаа концерт во Заводот, а кога заврши концертот, прашаа дали некој сака да разговара за Господ Исус Христос. Тогаш им реков, ако Господ постоел, зошто сум јас ваква?За мене Господ не постои, им реков.

Тогаш Американецот ми одговори – „јас сум многу полош од тебе, од надвор сум добар, но внатре сум гнил“.

Тој ми ја даде книгата Џони Ериксон, кога ја прочитав, се најдов во таа книга. Видов колку девојката имала храброст. Била здрава, но од скок во вода си го повредила рбетот, и така останала со посебни потреби. Не се срамела да се покажува во јавноста дека црта со уста. Дури убаво пее и пишува поезија. Многу ја слушаат на радио и на телевизија, секогаш ги охрабрува луѓето.

Така, јас размислив, што сум јас полоша од неа, зошто да се срамам што ќе речат другите.

Почнав сериозно да работам. Светото Писмо ми беше далечно, и кога ќе дојдеше Американецот со двете момчиња на гости, јас секогаш сакав да им докажам дека Бог не постои. Бев многу упорна и секогаш им поставував прашања. Ама тие имаа одговор на секое мое прашање и добро ми помогнаа да ја разберам Библијата.

Господ Исус Христос беше распнат на крст за да ги откупи наште гревови. Господ толку силно не возљуби што го дал еднородниот син да умре за нас. Што сме ние тука на Земјата, една обична прашина. Денес нѐ има, а утре нѐ нема.

Кога поверував во Господ Исус Христос, тогаш ми се отворија многу врати. Имав големо разбирање од целиот персонал од Заводот. Тие ми помогнаа за да ми набават платна, бои и многу други работи. Се зачленив во Здружение на телесноинвалидизирани лица во Македонија. Таму ми помогнаа за изложби и сега учествувам на Меѓународна ликовна колонија во Охрид веќе секоја година, долго време учествувам со познати уметници.

Имам учествувано во многу други држави, во Србија, Бугарија, Словенија, Италија, Швајцарија, Турција и други. А исто така, низ цела Македонија.

Сега си член на Светското здружение на уметници кои цртаат со уста и со нозе?

– Во 2005 година станав член на Светско здружение на уметници кои цртаат со уста и со нозе.  Во тоа Здружение сум речиси половина животен век. Здружението на уметници кои сликат со уста и со нозе ширум светот успешно ги поддржува уметниците кои поради хендикеп или болест ги создаваат своите уметнички дела не со раце, туку со уста или со нозе.

Со текот на годините ВДМФК прерасна во глобално активно здружение. Во моментов, репродуцираните дела на уметниците се дистрибуирани во 45 земји. Прекрасните мотиви на сликарите со уста и нозе се користат за печатење честитки, календари и други предмети.

фото-приватна архива

Дали оттогаш ти се промени животот?

– Да, мојот живот тотално се смени. Сега сум најсреќна, бидејќи и јас нешто можам да направам, да бидам корисна во ова општество.

Покрај тешката ограниченост во движењето на рацете, Бог ми дарил дарба да цртам со уста и да пишувам поезија. Имам издадено пет збирки поезија. Пишувам претежно песни за Господ Исус Хрстос. Сите песни му ги посветувам Нему. Првата збирка се вика „Во прегратките на Исус”, втората – „Не се предавам” третата – „Немам време” четвртата „Кон светлината“ и петтата „Стихозбирка на Роза“.

Направив многу нешта. Благодарение на Господ,

Државата ми помогна да се преселам во Струмица, каде што имам стан и аталје, каде можам да творам. Имам три негователки кои ми помагата околу моите потреби и две лични асистентки, Наташа Маглешева и Тодорка Јамајловска. Сега можам да излегувам, да се шетам, и имам многу пријатели.

Дали имаш некоја порака за луѓето кои се соочуваат со предизвици во животот, но сѐ уште не ја нашле својата животна цел?

– Им препорачувам на луѓето да веруваат во самите себе, да не пропаѓаат во депресија и да поверуваат во Господ Исус Христос. Само Тој може да им го промени животот.

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button