Родителите во шок од лекција во учебник по македонски – „прашањата се како на времето стројници жена кога барале“
Наместо едукација, споредба на носеви, раце и стапала.

Нова бура од реакции на социјалните мрежи се крена овојпат околу учебникот по Македонски јазик VI одделение за другите заедници, каде во лекција насловена „Две другарки“ детално се опишуваат физичките карактеристики на две девојчиња, Марија и Јана.
Во расказот се наведува која има долга, а која кратка коса, кои очи се кафени, а кои сини, која има мал нос, која прави усни, чии раце се силни, а чии тенки, па дури и кој има пошироки стапала и подолги прсти. На крај следуваат прашања за дискусија со учениците.

Овој пристап изненади многу родители, кои остро реагираа на социјалните мрежи. Според нив, наместо да се поттикнува креативност и критичко размислување, децата се доведуваат во ситуација да споредуваат физички разлики кои може да создадат комплекси.
„Зошто децата треба да учат кој е посилен, кој понизок, чии раце се подолги или покуси?“, коментира еден корисник, а многумина се согласуваат – „не можеше ли да се избере друга тема?“.
„Не е проблем да се опишува, но кога се прави споредба на физички карактеристики, тоа може да предизвика несигурност кај децата,“ пишува друг корисник.
Трет пак се мајтапи дека темата, односно прашањата за темата, која секако е за мајтап, изгледа како „на времето стројници жена кога барале“.
Некои „гласно“ се прашуваат која е целта на текстот, а пак, еден странец кој зборува македонски додава „како учител не ми се верува што читам“.
Ви редиме уште неколку коментари – „Не е проблем да се опишува, но кога се прави споредба на физички карактеристики, тоа може да предизвика комплекси кај децата“, „Авторката можеби имала добра намера, но изборот на зборови и начинот на презентирање не е соодветен за деца“, „Авторите треба да имаат чувство што е соодветно за која возраст…“
„И јас неколку пати го прочитав текстот и сфатив дека Марија има потенцијал да стане пијанистка со нејзините долги прсти, а Јана лесно ќе отвора тегли со ајвар со своите силни раце“, се смее една корисничка на Фејсбук.
Потсетуваме дека неодамна пишувавме и за друг случај од учебник по македонски јазик што предизвика лавина реакции на социјалните мрежи.
Имено, познатата српска фолк-пејачка Снежана Ѓуришиќ заврши во учебник по македонски јазик за седмо одделение, каде нејзината фотографија со и без шминка беше искористена како илустрација за дигитално обработени фотографии наспроти вистински информации.
И тогаш следуваа бројни критики и прашања од јавноста – „има ли пилот во образованието?!“. Целата низа коментари за овој пак случај, може да ја прочитате – ТУКА.