Секогаш екстравагантен и несекојдневен, Роберт Ивановски е моден дизајнер кој секогаш нуди нешто поразлично, но редовно со врвна изработка и богато со имагинација.
Еден од ретките дизајнери кај нас кој креира и машка мода, Ивановски задолжително се најде на нашата листа модни гуруа кој ќе ве советува како да бидете забележани на новогодишната ноќ.
Во модните кругови и кај модната публика оставате впечаток на иновативен креативец со авангарден пулс. Вашите креации и погледи на стилот се резервирани за луѓе со изграден специфичен стил кои не се плашат да ја истакнат својата индивидуалност. Што би им препорачале на девојките и момците да облечат оваа новогодишна вечер за да изгледаат свечено, а сепак во склад со годините?
Не се држете за трендот токолку тоа не го дозволува вашата фигура. Пронајдете ја силуетата која ќе прави да се чувствувате самоуверено и најатрактивно таа ноќ. Одберете модел во кој ќе се движите удобно. Нема да погрешите со избор на фустан со истакната половина или фустан во А линија. Зависно од бојата на кожата и косата одберете боја која најдобро ќе ви прилега. “Малиот црн фустан” е идеален избор, едноставен и сензуален. Доколу сакате да бидете впечатливи и да зрачите со сексипил одберете фустан во црвена боја. За типична новогодишна ноќ нема да погрешите и со избор на светкав фустан. Играјте со модни додатоци.
Костим со добар избор на вратоврска е сигурна комбинација кај мажите која тешко може да се победи кога станува збор за добивање најдобар изглед. Сепак постои начин да се индивидуализира својот изглед. Темно црвена боја искомбинирана со друга темна или неутрална боја изгледа одлично. Карираните кошули кои се актуелен тренд оваа сезона во комбинација со интересна вратоврска ќе ви даде забавен изглед. Одличен избор е волнен костим со суптилна карирана шара кој ќе ви даде сигурност и шарм.
Веднаш потоа следи низа празници и домашни забави за кои исто така треба да бидеме празнично дотерани. Што препорачувате да се облече на домашна семејна прослава?
Топла и удобна облека. Голем џемпер во комбинација со џинс панталони е идеално решение за празниците. Тоа се денови кога луѓето треба да се опуштаат и да уживаат со своите блиски, не да се оптеретуваат со тоа што ќе облечат.
Кое парче би го издвоиле што задолжително ќе го носите или би сакале да го носите на новогодишната прослава?
Сè уште немам решено што би носел за новогодишната ноќ, но црната боја е неизбежен дел од мене, па можеби тоа ќе биде некоја модерна готик комбинација. Ако зборуваме за желби, тогаш би посакал неколку работи од Givenchy и капут од Gareth Pugh.
КОЛЕКЦИИ НА РОБЕРТ ИВАНОВСКИ » |