Ретко среќавам жена која се воодушевува на друга и јавно зборува за неа со респект – бизнис приказни со Зорана Костовска
„Женските предрасуди тргнуваат од завист, неинформираност, традиција и норми длабоко всадени. Мора да имаме храброст да ги предизвикаме закоравените ставови, очекувања и практики, и да знаеме како да се справуваме со конфликти“.

Зорана Костовска е долгогодишен претседател на хуманитарната организација „Кралицата Есма и Стево Теодосиевски“, координатор на хуманитарната организација „Адра“ и два мандата претседетел на хуманитарната организација Лајонс Скопје. Ланската година ја доби наградата Жена на годината за трајни вредности, двапати е добитничка на наградата „Мајка Тереза“ и сега, со новата функција, потпретседателка е на новоформираната политичка партија на Хрватите во Македонија. Во јавноста позната е и како најблиска соработничка на легендарната Есма Реџепова, како и по многубројните хуманитарни настани, како модната ревија на Елена Лука, Есма Реџепова, Милка Ефтимова.

Зорана е препознатлива по бројните хуманитарни акции, манифестации, ревии, концерти и многу тв-настапи, неуморна за каков било настан, па затоа е добитничка на многу пофалници, благодарници, дипломи, плакети. Инаку, мајка е на две деца и нана на четири внуци, живее помеѓу две татковини, Хрватска и Македонија. И еве, наскоро, ќе прави нова хуманитарна ревија.
Низ годините, Зорана остави печат во неколку различни професионални области, како успешна деловна жена, менторка и хуманитарна активистка, чија кариера е инспирација за многу жени претприемачки во Македонија.
Во интервју за гламур.мк, Зорана зборува за предизвиците со кои се соочуваа жените во деловниот свет, за тоа како ја надминуваат конкуренцијата и предрасудите, за значењето на женската солидарност и општествената одговорност, како и за личните принципи што ја водат низ професионалниот и приватниот живот.
Преку искрени одговори, таа ја доловува приказната за упорност, храброст и визија кои го обликуваат успехот на една жена во Македонија, поточно – нејзиниот успех.

Кога се навраќате на Вашите почетоци, кои беа најголемите предизвици со кои се соочивте како жена што влегува и силно делува во деловниот свет во Македонија кој низ годините беше како „резервиран“ за мажите?
– Кога жена во Македонија влегува во машкиот свет, не е баш дочекана рамноправно, како еднаква. Напротив, тие сметаат дека тоа им е дадено од Бога и дека тоа е само нивна привилегија. Колку жени се на позиции во власта, на раководни места, бројката не е 50-50.

Јас не се согласувам дека еманципацијата нè изедначи со мажите, напротив, добивме трка помеѓу мајчинството, кариерата и партнерството. И во таа трка сме одлични, oној „понежен“ пол, кој само на изглед е нежен, се справува со сè и сешто – го нема машкото џентлменство.
Долг период бевте блиска пријателка и менаџерка на Есма Реџепова. Какво влијание остави тоа искуство врз Вас и што, од оваа денешна перспектива, го доживувате како најголем успех во таа ваша релација, а за што, што не сте го направиле, жалите?
– Дружењето и соработката со Велика Есма беше прекрасно, незаборавно, единствено, уникатно, посебно, неповторливо, хуманитарно, полна со случувања, патувања, музика, смеа. Горда сум што нејзиниот живот го доловив преку фустаните кои раскажуваа за нејзините успеси, за сите награди, дипломи, пехари, пофалници, медали, благодарници преку модните ревии во повеќе земји, а сите тие имаа хуманитарен карактер.
Не, не бев менаџер на Есма, не ѝ требаше, таа имаше таква популарност што само требаше да се организираат концертите. Јас ѝ бев најдобра пријателка, поддржувач, рамо за сè, партнерка, другарка, сестра и претседател на хуманитарната организација „Кралицата Есма и Стево Теодосиевски“. Оваа организација се бори 7 години на суд куќата на Стево и Есма да се реализира во Дом на музиката и хуманоста.
Тоа ми е најголема болка и, сепак, се надевам дека еден ден на Кале ќе имаме Дом на музиката Есма и Стево Теодосиевски.
Денес сте препознатлива и како менторка и поддржувачка на помладите жени претприемачки, несебично го споделувате Вашето искуство и знаење. Сметате ли дека во Македонија постои женска солидарност?

– Што се однесува до женската солидарност, сметам дека таа не е присутна во нашето живеење, каде нереализирани жени, полни со љубомора, не поседуваат такво нешто. Причината е што се полни со несигурност, фрустрираност и недоученост.
Тоа се сведува на индивидуално пријателство. Ретко се среќавам со жена која се воодушевува на друга и јавно зборува за неа со респект.
Со какви предрасуди сѐ уште се соочуваат жените во бизнисот кај нас, и на кој начин Вие лично се обидувате да ги разбиете тие бариери?
– Женските предрасуди тргнуваат од завист, неинформираност, традиција и норми длабоко всадени. Мора да имаме храброст да ги предизвикаме закоравените ставови, очекувања и практики, и да знаеме како да се справуваме со конфликти. За такво нешто треба да ризикувате, да бидете издржливи, да ги гледате работите во перспектива и да имате разбирање.

Во рамки на хуманитарната организација АДРА активно работите на хуманитарни иницијативи. Како го поврзувате бизнисот со хуманоста и колку е важно претприемачите да имаат и општествена одговорност?
Соработката со Х.О. „Адра“ е наназад 15 години, и нашето искуство покажува дека многу малку фирми поседуваат општествена одговорност, иако имаат можност, но немаат желба, а можеби и недостиг на информации.
Како гледате на модерните промени во деловниот свет – дигитализацијата, новите технологии, социјалните мрежи. дали им носат олеснување или нови предизвици на жените претприемачки?
– Што се однесува до дигитализацијата – таа е корисна, но на штета на човечките емоции, контактот, вниманието и љубовта.

Што ве релаксира? Што може да ве расположи, а што ве растажува?
– Ме релаксира пливањето затоа што сум Далматинка, пеењето со клапи, играњето со моите внуци, добар филм и добро друштво.

Ме растажуваат сиромашните семејства, болните луѓе, смртта на млади луѓе.
Се радувам на работата во партијата на Хрватите во Македонија како потпретседател и имам желба да бидам корисна за нашата земја.

Имате ли некоја мисла, мото или цитат што Ви е при срце и често го повторувате?
– Моето мото е: „Зграпчи го денот, затоа што ова денес, утре е вчера.“



