Разговор со Вики Димчевска – „најдобриот начин да се залагаш за нешто е да бидеш пример за тоа“
Вики Димчевска во новата 2025 година, влегува со признание за успешна жена-менаџер во градежниот сектор , општествено одговорна хуманитарна личност и борец за женските и детските права.
Разговараме со Вики Димчевска, која 14 години е менаџерка за маркетинг, продажба и презентација во градежниот сектор и во агенцијата за недвижности „Букефал АС“.
Вики се занимава со продавање и изнајмување недвижен имот, со станбено-деловни објекти, плацови, вили и индивидуални куќи. И многу е успешна во тоа што го прави, а за тоа сведочат бројните награди и признанија.
Како вистинска лавица која се бори за женските права, на почетокот на нашиот разговор Вики го акцентира значењето на жената во општестото – „Не живејте нечиј живот и нечија идеја за тоа каква е жената. Жената си ти“- вели таа.
Дали си активна на социјалните мрежи или продажбата ја водиш преку директен контакт со луѓето?
-Уживам во реалноста, затоа успеав, не живеам во виртуелниот свет. Од социјални мрежи имам само Инстаграм со малку следбеници кои лично ги познавам. За мене 2023 и 2024 година беа години на важни одлуки, премрежие и лекција во животот да се посветам на себепочит и себељубов. Во животот сѐ ми тргна во позитивна насока, кога почнав да очекувам малку од другите, а многу од себе.
Што за тебе претставува работата со која се занимаваш?
-Работата е мојата голема сила што ме движи, имам 17 години полн работен стаж. Да не работиш е исто како да немам сила и душа. Во бизнисот со недвижности моето основно мото е „успехот е пат, а не крајна дестинација“. Како жена менаџер за маркетинг, продажба и презентација во градежниот сектор , јас сум медијатор помеѓу клиентите. Тајната на успехот во животот не е во тоа да се работи тоа што се сака, туку да се сака тоа што се работи.
Што за тебе значи успех?
-Како личност и како успешна жена менаџер сметам дека не е успешен оној човек кој прави 100 работи по еднаш, по првпат, туку успешен човек е оној кој прави една работа 100 пати и кој децениски е почитуван и вреднуван во тоа што го работи.
Што е потребно за да се успее во животот?
-За да успее во животот, човекот мора да има две работи. Прва е среќата. Тоа е она кога на човекот му се укажува поволна прилика. Втората е умот, кој му овозможува на човекот да ја искористи дадената прилика. Покрај успехот, најбитно е да бидеме човек од вредност.
Што значи да се биде жена од вредност?
Зборот донирање го заменив со зборот дарување. Мислам дека затоа сум жена, човек од вредност. Општествено одговорна личност сум веќе цели пет години. Секој ден моите автомобили се преполни со радост и среќа, со новогодишни пакетчиња, со нови алишта и со училишен прибор наменет за дечињата со различна животна судбина. Имам потреба да им се извинам на сите деца, од името на нас, возрасните, за голема жал имаме многу пропусти, сите ние, целиот систем.
Вложуваш во посреќен живот на децата, што треба да има едно дете за да биде среќно?
-Емоционална безбедност, љубов, вреднување, поддршка, самостојност на детето, тоа се неопходните нешта што го дефинираат едно дете да биде среќно. Примарна цел ми е среќата на децата. Имам цел, научив многу важна работа во животот. Не е важно да стигнам побрзо, туку подалеку. Не е важно само да стигнам до целта , туку и да останам. Знаете, кула од карти се гради за неколку часа , а замок на карпа многу долго.
Како општествено одговорна личност, со големо задоволство и љубов постојано учествуваш во хуманитарни активности, што значи за тебе тоа?
– Борец и активист сум за женските и детските права, против насилството врз жените и децата. Многу е лесно од страна да кажеме дека секој може да дарува. Јас ви велам, дарувајте и помагајте од срце и со љубов, тоа да ви дојде од душата. Мене таа енергија ми се случи од пред пет години, ми дојде убава енергија од внатре, од душата, дека треба да помагам.
Да дарувате треба пред сѐ да сакате да се посветите целосно на тој процес низ кој се поминува од
идеја, преку организација до реализација. За тоа треба многу трпение и луѓе кои ве почитуваат и ви веруваат за да ви помогнат во целокупниот процес.
Им благодарам на сите кои несебично ми помагаат секоја година, институции, општествено одговорни компании и физички лица.
Децата се нашата иднина, но што правиме денес за нив за да станат успешни и добри луѓе во иднина?
-Главното прашање е токму тоа. Треба да преземеме поголема акција, на општествено ниво. Но не само тоа. Погледнете како едно општество ја третира жената , ќе знаете за какво општество станува збор и во какво општество живеете. Треба да се преземе акција со цврсти закони, зашто нема причина жените и девојчињата да не бидат заштитени од насилство. Треба да има строги казни за насилниците. Треба да се донесат нови закони кој ќе ги заштитат жените и децата.
Што би им порачала на жените?
– Жени, престанете да се натпреварувате – не се грижите за тоа што можат да направат подобро од вас другите. Фокусирајте се на подобрување на вашите претходни успеси. Всушност, борбата е помеѓу минатото ЈАС и идното ЈАС.
Престанете да се жалите – ако сакаме, може да се жалиме до утре, но тоа нема ништо да помогне или да ја смени ситуацијата. Подобро е за вас да ја фокусирате енергијата кон промена на работите отколку постојано да се жалите. Од друга страна, пак, ако постојано се жалите, луѓето ќе ве одбегнуваат и никој нема да сака да биде во ваша близина.
Понатаму, престанете да се објаснувате на другите – тоа не им е потребно на тие коишто ве знаат, а непријателите и вака и онака нема да ве разберат! Време е да мислите на себе. Со тоа ќе го подобрите вашето живеење, но и на најблиските околу вас, семејството, пријателите, соработниците.
Што значи за тебе да се има самодоверба?
– Колку повеќе работам на себе и за себе, ја зголемувам и вреднувам својата вредност . Толку помалку ми треба барање внимание од другите. Вниманието кое научив да си го давам самата на себе ми ја зголеми самодовербата. А, самодоверба е домот кој го градиме за себе.
Со кои луѓе не би сакала да се дружиш?
-Големо е задоволството во животот кога знам дека не морам да се дружам со луѓе поради „може ќе ми затребаат за нешто“.
Какви проекти ќе преземеш во 2025 година?
– Многубројни се. Нов станбено деловен објект 2025. Проект во април за деца : ,,Децата не се трофеи”
,,Родителство е одговорност и чувство”. А ќе има и повеќе проекти за женските права.