Дом и семејство
COVER STORY

Радост, емпатија, љубов – јога часовите на Каролина ги менуваат децата однатре

„Време е да се радуваме! Да научиме да се радуваме! Дека радоста честопати не зависи од надворешните околности, дека е наше вродено право да ја имаме, негуваме и пренесуваме на идните поколенија“, вели Каролина Јакимовска во интервјуто за гламур.мк

Advertisement

Во свет полн со екрани, брзање и преоптовареност, сѐ повеќе родители бараат алатки што ќе им помогнат на децата да останат поврзани со себе, смирени и радосни. Јогата станува сѐ почесто препознаена како еден од најмоќните начини да се дојде до тоа.

На различни теми поврзани со јогата, но и за тоа како децата можат да ја применуваат од рана возраст и зошто им користи, разговараме со Каролина Јакимовска, м-р на филозофски науки, дипл. проф. по филозофија и етика, холистички терапевт, Relax Kids тренер, јога инструктор.

Advertisement
фото приватна архива

Како започна Вашата јога-приказна и што Ве инспирираше првично да се посветите на јогата?

Мојата јога приказна е многу едноставна. Таа се случи како логичен след на моите потреби и согледувања на светот и човекот. Како љубопитен седумнаесетгодишен тинејџер, вљубеник во уметноста, културата, книжевноста, филозофијата, уживав да практикувам јога. За мене јога беше синтеза на сите мои аспекти – телесниот, менталниот, емоционалниот, културолошкиот. Со иста страст и посветеност ја сакам јогата до ден денес!

фото приватна архива

Кое искуство или сесија најдлабоко Ве трансформираше лично, и зошто го сметате за премрежна точка во Вашиот развој?

Уживам во промените и сакам да ги правам редовно, постепено и свесно, посебно кога станува збор за работа на себе. Секој час, сесија, работилница за мене претставува трансформирачко искуство. Не можам да кажам дека постоеле премрежни точки во мојот личен развој. Сѐ течело органски и природно, без форсирање. Преземам активности откако добро ќе се консултирам со себе, со мојата интуиција, разум, вредности, со моето тело.

фото приватна архива

Вашата кариера вклучува работа со деца – кои промени ги забележувате кај најмладите што редовно практикуваат јога?

Дечињата кои се дел од нашата Relax Kids дружина пораснаа со идеите за потребата од физичко раздвижување, за убаво размислување, пораснаа со постојано слушање и изговарање на зборовите радост, емпатија, среќа, заедништво, мир, љубов кон себе и љубов кон другите. Нашата цел е овие вредности да се вдомат во срцата на сите деца.

Advertisement
фото приватна архива

Од која возраст децата можат да започнат со јога и како изгледа еден типичен детски јога-час кај Вас? Што најмногу ги привлекува и задржува нивното внимание?

Постојат Relax Kids програми за секоја возраст, почнувајќи од 4 години, преку тинејџери и адолесценти, па сè до повозрасни вљубеници во уживање, релаксација и радување. Најмногу вниманието на децата им го задржуваат друштвените игри и креативните изработки, опуштањето и разоворите каде децата меѓусебно споделуваат искуства од нивното секојдневие.

фото приватна архива

Што значи за Вас мисијата „Радувај се!“ – како оваа философија ја применувате во Вашите часови и во секојдневниот живот?

Токму така, Радувај се! ја добив како моќна порака во еден период од мојот живот – како поттик за моја лична радост, но и како универзална порака до сите луѓе дека радоста ни е неопходна како воздухот што го дишеме. Време е да се радуваме! Да научиме да се радуваме! Дека радоста честопати не зависи од надворешните околности, дека е наше вродено право да ја имаме, негуваме и пренесуваме на идните поколенија. Таа е тука, во нас и околу нас! Да зборуваме и да учиме повеќе за радоста.

Радоста на нашите јога и Relax Kids часови е присутна и во самиот амбиент, боите и формите со кои сме опкружени, но и во самите практики кои ги применуваме.

Кои се Вашите најзначајни цели и визии за иднината на јога-заедницата, како го гледате развојот на „Сакам Јога“ во Македонија во наредните години?

Јога обединува, спојува, хармонизира, балансира. Сè повеќе ни треба и ќе ни треба баланс. Добрите промени кои се случуваат внатре во нас, се рефлектираат и кон надвор. И на индивидуален план и на колективен. Ѝ посакувам на Сакам Јога да си се развива природно, без брзање, како и до сега.

Во време на екрани и дигитална преоптовареност, како јогата им помага на децата да се смират, фокусираат и да изградат внатрешен мир?

Во време на екрани и дигитална преопровареност на децата им се потребни врсничка комуникација преку игра, учење на животни вредности, грижа за себе и за другите преку емпатија кон себе и кон другите, поттикување на свесност за сопственото тело преку физички вежби и вежби за дишење, во кои се вклучени и јога вежби, градење на лични етички и морални вредности.

Како што споменав претходно, децата најмногу уживаат во друштвените игри и креативните изработки што претставува еден прецизен показател колку на децата во денешно време им треба повеќе време за дружење со своите врсници, за експресија на нивниот креативен потенцијал преку рачните изработки, на споделување со другарчињата на некоја своја вештина или знаење, градење на желбата за соработка и заедништво – и сето тоа во реалниот свет, далеку од екраните на мобилните телефони.

фото приватна архива

Имате ли некое незаборавно искуство со дете на јога-час кое особено Ве трогнало или Ве инспирирало да продолжите со оваа работа?

Да продолжам со мојата Rainbow Relax Kids Skopje работа, ме инспирираат љубопитните очи и милите срца на Relax Kids дечињата со кои работам. Паметам, уште не можеа да си ги врзуваат патиките, толку беа мали кога почнуваа. Сега се повисоки од мене и ги имаат најпофалните зборови за нивните личности од мене, нивната Relax Kids учителка (се смее, н.з).

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .
Advertisement

Поврзано

New Ad
Back to top button