Прво илустрирано житие за деца за македонска светителка – „Светило на врв планина“
Ова е првпат да се илустрира и адаптира за деца житие на светител канонизиран од Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Во недела, 25 мај, со почеток во 17 часот, во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга ќе се одржи промоција на книгата „Светило на врв планина“ – првото илустрирано житие на Света Спаса Вишенска, специјално адаптирано за младата читателска публика.
Автор на книгата е Јасмина Кантарџиева Димков, а илустрациите се изработени од уметницата Викторија Попоска. Изданието опфаќа седум тематски целини, секоја збогатена со илустрации кои ја приближуваат содржината до детската перцепција, со цел на достапен и едукативен начин да се пренесе животната приказна на светителката.
Според уредникот на книгата, отец Александар Димоски, мотивацијата за создавање на ова дело произлегла од потребата содржините од духовното и културното наследство да станат разбирливи, блиски и инспиративни за децата.
Се работи за прво житие адаптирано за деца на светител канонизиран од Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
– Можеби не многу голема по обем, но непрегледна по содржина, неоценлива според значењето и благословена во намерата, сликовницата „Светило на врв планина“ сигурно ќе стане нечие детско Евангелие – вели отец Александар Димоски и додава:
– Преку страниците на книгата, низ житето на света Спаса, гласот Божји ќе допред до детските уши и ќе ги загрее невините срца. Единствен и главен мотив низ страните на книгата е љубовта Христова, која на човекот му дава можност вечно да постои, како во нашиов пример со света Спаса. Затоа и целта на книгата ќе биде, љубовта на младите читатели низ ова книжевно патување да се принесе на олтарот на Вечната Љубов, каде вечно ќе гори, секако со помош и по молитвите на света Спаса.
Не е првпат во православната традиција да се илустрира житие на светител и на таков начин да се доближи до најмладите членови на Црквата, но првпат е да се илустрира и адаптира за деца жите на светител канонизиран од Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија. И токму затоа, нашата книга е важна како првороденче кое го весели целиот дом – објаснува отец Александар Димоски.

Промоцијата неслучајно ќе биде на 25 мај годинава, затоа што на тој датум првпат православните верници ќе ги прослават светите исповедници Спасе Вевчански и Спаса Вишенска, по нивната минатогодишна канонизација и прослава од страна на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА. На тој ден се навршуваат и шест месеци од упокојувањето на блаженопочинатиот митрополит Тимотеј, кој останува незаборавен во нашите срца, а со негов благослов и отпочна целиот овој проект.
Авторките и промотерите изразија благодарност до Министерството за култура и туризам со чии средства се реализираше ова издание, како и до НУ центар за култура „Браќа Миладиновци“ – Струга, кои прифатија да бидат домаќини на промоцијата.
Настанот е отворен за јавноста. На промоцијата, покрај авторките, за книгата ќе зборуваат писателката Верица Мукоска и отец Александар Крстаноски.