Скоро на сите комерцијалните средства за чистење стојат предупредувања да се чуваат подалеку од деца и да се избегнува допир со кожата.
Полни се со различни штетни хемикалии опасни по здравјето при контакт но и со нивното испарување во воздухот. Многу домаќинки се жалат на оштетување на кожата на рацете посебно од средствата за чистење шпорети, а не секој може лесно да оперира со гумени ракавици на рацете. Многумина ќе се изненадат од фактот што многу производи кои се користат во домаќинството за подготвување храна и сл. можат одлично да послужат за „светнување“ на домот.
Користењето на природни средства за чистење можеби од почеток ќе ви изгледа малку чудно, но се е „работа на навика“. Со тек на времето нема да сакате да помислите на средствата од рафтовите по продавниците. И што е најинтересно – ќе заштедите прилично пари кои можете да ги искористите за поинтересни работи. Природните средства за чистење се прилично евтини и лесно достапни, едноставно се користат, така што немате причина да не пробате. Еве ги „главните играчи“:
ОЦЕТ
Оцетот всушност се користи како универзално средство за чистење. Се што треба да направите е да помешате еднаква количина од оцет (алкохолен) и вода во еднакви делови во шише со распрскувач и ќе добиете раствор со кој можете да ги чистите скоро сите површини во домот. Единствено не треба да се користи на камени и мермерни површини. Во растворот можете да додадете и неколку капки средство за чистење на природна база (универзално, или за садови) и неколку капки етерично масло од еукалиптус, чајно дрво или жалфија.
Оцетот е одлично природно средство за чистење, кое истовремено дезинфицира и дезодорира. За секоја сигурност прво тестирајте го средството на мала површина која не се гледа за да осигурате дека нема да доведе до промена на бојата или какво било оштетување. Ако во растворот ставите поголема количина оцет, средството ќе биде кисело, и може да ги разјаде на пример фугите на плочките. Не грижете се за јакиот мирис на оцетот, мирисот исчезнува брзо, штом ќе се исуши оцетот.
ВО БАЊАТА
Со алкохолен оцет можете да ги исчистите кадата, лавабото, шолјата и површините на мебелот во бањата. Напрскајте ги површините со растворот, оставете неколку минути да отстои и пребришете со влажна крпа или сунѓерче. Истурете чист оцет во шолјата, оставете да отстои петнаесетина минути, истругајте ја со четка и пуштете вода – ќе биде чиста и сјајна како да сте ја чистеле на пример со „Доместос“.
Со растворот од оцет и вода можете да го избришете и подот во бањата. Покрај ова оцетот ќе ја исчисти и нечистотијата околу славините, бигорот, остатоците од сапун и дамките од вода на површините од бањата и плочките.
ЗА ПЕРЕЊЕ АЛИШТА
Дали сте знаеле дека оцетот можете да го користите и како природна замена на омекнувач за алишта? Ова е посебно корисно за луѓе со чувствителна кожа. Ставете пола чаша оцет во преградата за омекнувач, наместо купечките омекнувачи, и ќе добиете меки алишта (кои нема да мирисаат на оцет, во никој случај!). Во оцетот можете да додадете и неколку капки етерично масло по избор: од еукалиптус, цитрон, портокал и сл. и ќе добиете прекрасен мирис.
ВО КУЈНАТА
Растворот од оцет и вода можете да го искористите за скоро сите елементи и апарати во кујната: со него можете да ги избришете површините на работната маса, кујнските елементи, шпоретот, апаратите што ги користите. Не заборавајте и на подот. Внатрешноста на рерната редовно пребришувајте ја со крпа натопена со оцет. На тој начин ќе спречите насобирање на загорени наслаги во неа. Оцетот можете да го искористите и во машината за садови: за чистење на машината за садови, откако ќе почне да полни машината, сипете 0,5 л. оцет, и оставете ја да работи „на празно“. За миење на садовите, наполнете ја машината со неразреден оцет наместо купечките средства за миење садови и ќе видите дека ќе ја заврши истата работа. Садовите ќе бидат чисти и сјајни.
Растворот од оцет и вода исто така може да се користи и за чистење на прозорци, огледала и сите други стаклени површини во вашиот дом.
СОK ОД ЛИМОН
Сокот од лимон може да се искористи за да се исчистат наслаги од сапун или бигор. Намачкајте ја површината, оставете да отстои 10-15 минути и избришете со крпа. Со лимонот одлично ќе се исчистат и исполираат предмети од бронза или бакар. Помешајте сок од лимон со оцет или сода бикарбона за да добиете смеса слична на паста. Нанесете на шпоретот и ринглите, внимателно истријте, оставете да постои 5 минути, пак истријте и исплакнете убаво.
Потоа можете да ја поминете површината со крпа со малку оцет, па со сува крпа. Шпоретот сигурно ќе свети! Исечете го лимонот на половина и посипете го со сода бикарбона, па исчистете ги садовите и површините во кујната. Внимавајте – лимонот делува како природен избелувач! Токму поради овие негови својства може да се користи како средство за отстранување на флеки. Измешајте 1 чаша маслиново масло и половина чаша сок од лимон и ќе добиете одлично средство за чистење и полирање на мебел. Сокот од лимон, исто како и оцетот, може да се додаде во млака вода и растворот да се искористи за чистење на подовите.
СОДА БИKАРБОНА
Содата бикарбона може да се користи за чистење на површини исто како комерцијалните абразивни средства за чистење. Се користи за полирање и избелување, како и за отстранување на непријатни мириси. Со сода можете да ја чистите кадата, лавабото, шолјата, плочките и елементите во бањата. Исто така, со сода бикарбона можете одлично да го исчистите шпоретот, фрижидерот, и останатите апарати и елементи во кујната. Истурете сода бикарбона на површините кои сакате да ги чистите, истријте со влажно сунѓерче или крпа и исплакнете со вода или пребришете со чиста крпа. Со сода бикарбона можат да се чистат површини од мермер, пластика, сребро, бакар, челик, стакло и порцелан, единствено не се препорачува за чистење на алуминиум. Избришете ги прозорците со раствор од сода бикарбона за капките дожд да не остануваат на стаклото. За отстранување на непријатни мириси ставете сода бикарбона во соодветен сад во фрижидерот или замрзнувачот. Можете да ја искористите каде сакате за да се ослободите од непријатни мириси: на дното на кантата за ѓубре, во автомобилот, во патики и чевли, на теписонот … и т.н. Исто така, за отстранување на непријатни мириси и темелно чистење, во раствор од сода бикарбона можете да ја измиете кантата за ѓубре, шишињата и термосите за деца, пластични садови, чешели и четки, завесите во бањата и т.н.
Содата се користи за отстранување на мрсни дамки, како и за чистење на (масни) подови. Содата бикарбона можете да ја употребите и за перење алишта, во комбинација со прашокот за перење што го користите. Измешајте еднакво количество на прашок и сода и ставете ги во преградата за прашок. Алиштата ќе бидат меки и чисти, а вие ќе заштедите пари за прашок и ќе се заштитите од хемикалиите што ги содржи. Со сода исто така можете да ја исчистите и самата машина за перење од бигор, каменец, остатоци на прашок и омекнувач … Ставете околу 300 г. сода бикарбона и вклучете ја машината да испере на 95 степени празна. Потоа можете да ставите 1 л. оцет и уште еднаш да ја пуштите празна на 95 степени. Содата и оцетот ќе ги исчистат лошите миризби и бактериите и мувлата која не ја гледаме внатре. Понатаму, за одржување и чистење на машината, можете еднаш во неколку месеци да ја пуштите да испере празна само со 0,5 л. оцет на 60 или 95 степени.