Сите сакаме да имаме убава и чиста кожа, но за жал многу девојки и жени се соочуваат со големи проблеми во постигнувањето на саканиот изглед.
Нечистата кожа со акни и митесери карактеристична за тинејџерските години е проблем со кој многумина мораат да се справуваат и долги години потоа и да се жалат дека лицето им е како на тинејџер во пубертет, а веќе одамна се возрасни. За разрешување на овој проблем потребна е борба на многу полиња, од утврдување на причините за нечистата кожа и соодветно лекување доколку има потреба, правилна исхрана, хигиена, и секако, избор на вистинските средства за нега на кожата. Избегнувајте јаки хемиски средства кои уште толку можат да ја влошат состојбата на кожата и обидете се во прв ред да го решите проблемот со природни средства кои докажано делуваат. Овде ви ги приложуваме најефикасните маски за лице против акни и мозолчиња и маски за стеснување на порите кои можете сами да ги направите дома, а кои даваат одлични резултати. Пробајте и уверете се сами!
Маска против проширени пори со аспирин
Изгмечете 2 таблети аспирин да добиете прав и измешајте го со 3 лажици сурутка или кисело млеко, па додадете половина лажица сок од лимон. Маската се нанесува на кожа исчистена со природен лосион за лице и се остава да делува 20 минути а потоа се мие со ладна вода.
Маска од белка и лимон
Изматете една белка д јајце за да добиете густа пена и додадете 1 лажичка сок од лимон. Маската се нанесува на кожа исчистена со природен лосион за лице и се остава да делува 20 минути а потоа се мие со ладна вода.
Маска од сирење
Земете една лажица немасно иситнето сирење и измешајте го со сок од краставица да добиете густина на ретка павлака. Нанесете ја маската на исчистено лице, оставете ја 20 минути и потоа измијте ја со ладна вода.
Овие маски можете да ги ставате 3-4 пати неделно. Веќе по две недели ќе бидете пријатно изненадени од резултатите.
Маска со аспирин и лимон со ефект на избелување на кожата
Издробете 6 таблети аспирин и измешајте ги со 2-3 лажици сок од лимон. Нанесете ја добиената смеса на лицето и оставете ја да делува десет минути, а потоа измијте ја со раствор од еден литар вода и една лажица сода бикарбона. Оваа маска помага да се исчистат акните и да се намали црвенилото на лицето. Користете ја еднаш неделно и за кратко време ќе имате чиста и свежа кожа.
Маска со цимет и мед
Измешајте 5 лажици мед со 2 лажици цимет, додадете и една лажица мускатно оревче и сок од еден лимон. Медот и мускатното оревче делуваат како природни антибиотици кои се борат против воспалителните процеси, циметот е одличен за пилинг на кожата, а лимонот е силен антиоксиданс. Маската може да ја држите на лицето околу половина час и подолго, бидејќи сите состојки се природни. Повторувајте ја постапката еднаш неделно и за брзо време ќе ги видите резултатите.
Маска од морков
Морковите се одлични за намалување на лузните од акни и отстранување на црвенилото на кожата бидејќи се богати со витамин А. Земете еден голем морков и сомелете го во бендер за да добиете хомогена смеса. Ако смесата е ретка можете да додадете малку брашно за да ја добиете саканата густина. Нанесете ја маската на лицето, посебно на инфицираните делови, оставете ја да делува околу десет минути и измијте ја со млака вода.
Маска од јогурт и брашно
Измешајте 4 лажици јогурт со 2 лажици брашно и нанесете ја добиената смеса на претходно исчистеното лице. Оставете да делува 15 минути и измијте ја со ладна вода. Оваа маска е извонредно ефикасна во лекувањето на мозолчиња, а истовремено ја храни кожата и помага во отстранувањето на мртвите клетки.
Маска со сода бикарбона
Измешајте сода бикарбона со вода во количини кои ќе бидат доволни да добиете соодветна смеса, нити премногу густа, нити премногу ретка, и нанесете ја на лицето. Оставете ја убаво да се исуши и потоа измијте ја со топла вода. Оваа маска можете да ја употребувате 3-4 пати неделно и за брзо време ќе постигнете одлични резултати.
Магична маска за кожа со акни и митесери
Изматете една белка од јајце, додајте 3-4 капки масло од чајно дрво (кое можете да го најдете во аптеките), и постепено додавајте скроб (густин) постојано мешајќи додека не добиете густина на ретка павлака. Нанесете на лицето (избегнувајќи ги пределите околу очите и устата) и оставете ја маската 10-15 минути додека не се исуши. Измијте го лицето со топла превриена вода. Потоа исчистете го лицето со природен лосион или тоник и нанесете хидратантна крема. Се препорачува маската да ја ставате пред спиење. За да имате резултати маската треба да ја ставате 10 пати, секој трети ден. По еден месец ќе имате чиста и убава кожа. Третманот со серија од 10 маски може да се повтори по три месеци.