Преубавата Надин Ајуб испишува историја – ова е првата Палестинка што ќе се појави на изборот за „Мис Универзум“
„Ние сме повеќе од нашето страдање, ние сме надеж, отпорност и глас кој одбива да биде замолчен“

Палестинската убавица Надин Ајуб, која живее во Дубаи, влезе во историјата како прва претставничка на Палестина на престижниот избор за убавина „Мис Универзум 2025“. Финалистката на „Мис на Земјата 2022“ ја сподели возбудливата вест неодамна на Инстаграм.

„Со чест објавувам дека за првпат во историјата, Палестина ќе има своја претставничка на ‘Мис Универзум’. Денес, на сцената не се качувам само со титула, туку со вистина. Додека Палестина трпи болка, особено Газа, јас го носам гласот на народот кој одбива да биде замолчен,“ напиша таа.

Ајуб истакна дека својата платформа ќе ја искористи за да ги претстави сите жени и деца чија сила светот мора да ја види, додавајќи: „Ние сме повеќе од нашето страдање – ние сме отпорност, надеж и отчукувањето на татковината што живее преку нас.“

Ова не е првпат таа да ја носи титулата „Мис Палестина“. Во 2022 година стана првата Палестинка која влезе во топ пет на „Мис на Земјата“.

Во интервју за „Д Нешенал“ (The National) откри дека учеството на „Мис Универзум“ го гледа како начин да ги урне глобалните стереотипи. „Сакам да покажам дека палестинските жени не се само издржливи и убави – тие се и лидери, иноватори и двигатели на промени,“ рече Ајуб.
Таа нагласи дека ја одложила својата кандидатура поради хуманитарната криза во татковината, но дека токму сега е вистинскиот момент да го крене својот глас.
View this post on Instagram
„Гордa сум што го чекорам овој пат, особено сега, кога сите мора да бидеме глас на Палестина. Почестена сум што ја имам оваа платформа за да зборувам и да им помогнам на моите луѓе, особено на оние во Газа кои страдаат секој ден.“
Веста предизвика бран реакции на социјалните мрежи, каде што обожавателите изразија гордост и поддршка за Ајуб, истакнувајќи дека Палестина конечно добива глас на светската сцена.
Големиот избор за убавина „Мис Универзум“ ќе се одржи на 21 ноември 2025 година во Пак Крет, Тајланд.