Наскоро стрип-изложба и проекција на краткиот анимиран филм „Реквием за Пинокио“ на босанскиот автор Берин Тузлиќ во Скопје и Битола.
Краткиот анимиран филм „Реквием за Пинокио“ на сараевскиот аниматор, стрип-цртач и режисер Берин Тузлиќ, кој годинава влезе во официјална селекција на Канскиот филмски фестивал, и стрип-изложбата базирана на филмот, ќе има можност да го види и ужива и македонската публика. Стрип – изложбата и проекцијата ќе се случат на 22 април во културниот центар „Public Room”, во Скопје, а на 24 април во Центарот за култура во Битола. Како што вели авторот, ова дело е молитва за сите возрасни души, кои го чекаат „Судниот ден“, кога ќе застанат пред Рајот со дигнати глави, каде ќе им свети или вечна светлина или ќе паднат во мракот на пеколот. А, во овој филм, тоа ќе им го одредат децата!
Берин Тузлиќ е роден во 1968 година, во Сараево, и се образувал во областа на анимацијата, во родната Босна, а потоа во Франција, Канада, Данска и Хрватска. Она што го краси неговиот опус се квалитетно продуцираните кратки анимирани арт филмови, со кои учествувал во над 20 меѓународни фестивали низ целиот свет: од Франција, Јапонија, САД, Кина и регионов. Автор е на 50 стрип албуми, 50 музички видео спотови, 30 кратки анимирани филмови, над илјада минути адвертајзинг анимации… Сопственик е и креативен директор во најголемата маркетинг агенција во Босна, „Виа Медиа“, основач на здружението за уметност и визуелна комуникација „Пиксел“, а за неговата сестраност потврда се и музичките изданија реализирани со неговиот бенд „Безбели апстраклије“ и проектот „Драмелоди“, спој на ритам, анимација, видео и „лупови со поинакви звуци и музички аранжмани“.
{youtube}DQcLn4GW4wE{/youtube}
Од авторот:
„Реквием за Пинокио“ е емотивна приказна, која ме потсети на почетокот на војната во Босна, и моето чувство како дета, кога целиот свет ми се промени потполно, и тоа преку ноќ. Тука е симболиката на Пинокио, кој го преживеал босанскиот хаос, за да погине во Париз… Тоа го толкувам како една судбина, што не следи сите нас – кои ја преживеавме војната, но, на некој начин „умревме“, односно дел од нас е убиен, за што ќе станеме свесни кога најмалку се надеваме – можеби токму во мирот и тишината на една европска метропола…“