Мозаикот на родителството е полн со боени трепети и шарени искри, а понекогаш и нијанси со помалку сончеви тонови. Студенилото во палетата никнува кога родителите се соочуваат со предвремено породување, па наместо да се радуваат на здравиот плач на бебето, тие се загрижени дали тоа еден ден ќе ги стигне врсниците родени навреме. Сепак, предвремено родените бебиња се мали воини, со храброст поголема од возраста. Токму во нивна чест, 17 ноември се одбележува како ден на љубов исполнет со хуманост, емпатија и заедничка надеж, ден посветен на подигање на свеста за предизвиците и товарот на предвременото породување во светот.
Како прво интервју во серијалот планиран за одбележување на Светскиот ден на предвремено родените деца (17ти ноември) од страна на ЛУЛКА – Здружение за грижа и едукација на бремени жени, мајки и деца , д-р Силвана Наунова Тимовска, еминентен неонатолог и претседател на Здружението на неонатолози на Македонија, дава свој професионален и личен осврт на предизвиците, напредокот и идните насоки во неонаталната нега, како и на значењето на заедништвото меѓу семејствата, медицинските професионалци и институциите.
„Најголемите предизвици со кои се соочуваме во Македонија се недостаток на опрема и кадар, потреба од континуирана едукација и усогласување со современите стандарди. И покрај тоа, благодарение на мултидисциплинираниот пристап, подобрената опрема, современите протоколи и зголемената експертиза, денес преживуваат и бебиња родени со екстремно мала гестациска возраст. Се унапредија пристапите кон сурфактант заместителната терапија, неинвазивната вентилација и нутритивната поддршка”.

Промо
Иднината на неонатолошката грижа во земјата зависи од заедничките напори, при што Здружението на неонатолози игра водечка улога, фокусирајќи се на континуирана едукација преку конгреси, симпозиуми и обуки; стандардизација на неонатални протоколи низ земјата; воспоставување национален регистар на предвремено родени деца; поддршка на млади лекари и менторство за специјализанти и супспецијализанти, како и јакнење на врските со родителски здруженија и невладиниот сектор.
Соработката меѓу семејствата, медицинските професионалци и институциите е клучна, затоа што интегрирана мрежа на поддршка може да се изгради само ако сите засегнати страни делуваат координирано и во хармонија. Предвременото раѓање не е само медицинска состојба, туку животен настан што го засега целото семејство. Родителите се клучни партнери во неонаталната нега, а нивната улога треба да биде поддржана од општеството како целина. Компаниите можат да придонесат преку донации, опрема и поддршка за едукативни проекти, додека здравствените институции и креаторите на политиките имаат обврска да создадат одржлив систем на грижа.

Промо
Во изминатите години, Здружението го одбележува Светскиот ден на предвременото породување преку јавни трибини, стручни состаноци и симпозиуми, како и со симболично осветлување на објекти во виолетова боја, која го симболизира предвременото раѓање. Оваа година е планиран јавен настан, со учество на експерти и родители на предвремено родени деца, кои ќе споделат инспиративни приказни за надеж, храброст и безусловна љубов, со цел да ја зголемат јавната свесност и поддршка.
Г-ѓата Тимовска го поздравува вклучувањето на 17 ноември во Календарот на јавно-здравствени датуми од страна на Светската здравствена организација, нарекувајќи го „историски чекор што ја нагласува глобалната важност на темата и ја потенцира потребата од подобра меѓународна координација и поголема финансиска поддршка за програмите насочени кон превенција и третман на предвременото раѓање.”
Линк до интервјуто тука >>




