Празнична магија со лична порака – лампионите на Андријана ги освојуваат македонските домови
Андријана Ѓорѓијовска Анѓеловска создава рачно изработени декоративни предмети, украси и лампиони што раскажуваат лични приказни.

Рачната изработка повторно го наоѓа своето место во современиот дом, како одговор на потребата за автентичност, топлина и личен печат. Лампионите и декоративните предмети на креативката Андријана Ѓорѓијовска Анѓеловска се токму такви: внимателно изработени, персонализирани и осмислени да бидат повеќе од украс.
Преку светлина, текст и форма, таа создава предмети што носат порака и стануваат дел од семејната атмосфера. А, особено се волшебни за време на новогодишните и божиќните празници.
Во разговор за гламур.мк, Андријана зборува за својот креативен пат, празничните трендови и значењето на персонализацијата во свет преплавен со сериски производи.
Како започна Вашата приказна со рачно изработените лампиони и украси за домот?
Мојата приказна започна уште како дете, креативноста секогаш ми беше придружник и во играта и во моите училишни активности. Сепак, како средношколка во СУГС „Браќа Миладиновци“ учев на смерот хортикултурно уредување каде се интересирав многу околу декорирање и аранжирање.
Започнав да работам прво со цвеќе, па потоа и со интересни начини на декорирање подароци и новогодишни икебани.
Идејата за да изработувам украси потекна токму од мојата мината креативност и приказната со мојата рачна работа започна со голема поддршка од моето семејство, посебно мојот сопруг кој безусловно ме следи и помага, како и моите деца, што дополнително им дава посебна убавина и значење на моите рачни изработки.

Во периодот на новогодишните и божиќните празници побарувачката е најголема – кои дизајни и мотиви се најбарани оваа сезона и зошто токму тие?
За празниците најбарани се лампионите со гравирани имиња, семејни пораки, празнични честитки и мотиви поврзани со светлина, дом и заедништво. Потоа, модерните големи панделки за впечатливо украсување на врвот на вашата елка, како и други новогодишни декорации.
Исто така, пред новогодишните празници имам и голема понуда на персонализирани подароци за куќни слави и имендени што се барани подеднакво како и новогодишните украси.
Целата понуда може да се види на моите бизнис профили на интернет – ТУКА.

Во изработката на лампиони акцент ставате на персонализацијата. Колку е важна можноста купувачите да добијат уникатен производ и како изгледа процесот од идеја до готов лампион?
Луѓето сè повеќе сакаат нешто лично, нешто што ќе има приказна и ќе остане како спомен, а не само како сезонска декорација. Секоја нарачка што ја добивам мене ми е мотивација за што подобро да изгледа изработката, како би поттикнала насмевка и чувство на задоволство и среќа кај оној за кој што е наменет подарокот.
Кога нешто е изработено и наменето посебно за вас, вредноста му е поголема, повеќе ви значи и повеќе му се радувате од друг материјален наменски подарок.
Процесот на работа за мене не претставува тешкотија, туку задоволство да го изработам производот, а за целата изработка да биде уште поуникатна се одговорни Бакалович студио гифт. кој во нивното студио (https://www.facebook.com/share/1YrCB4TFkr/) ми ги гравираат сите потребни букви, симболи и сл. Нивната соработка со мене ми ја олеснува мојата работа и во оваа прилика многу би им се заблагодарила.

Колку време и внимание бара изработката на еден рачно направен лампион и што е она што индустриските производи не можат да го понудат во споредба со рачната работа?
Јас уживам во изработките. Моите раце танцуваат кога треба да работам. Временски секој производ бара различно вложено време и труд, но кога работите со љубов како мене, времето не го приметувате. Персонализацијата на изработките е срцето на мојата работа. Таа им овозможува на купувачите да добијат производ што е направен токму за нив.
Процесот започнува со разговор и идеја – име, датум, порака или повод – потоа следува внимателен избор на дизајн, гравирање и финална изработка. Секој лампион е различен и носи посебна емоција.

Каква улога, според Вас, имаат украсите во создавањето топлина и чувство на дом, особено за време на празниците?
После секоја достава на моите изработки кај клиентите, добивам воодушевувачка порака за квалитетот на украсот. Клиентите ми ги сликаат елките, изразите на лицата на своите најблиски и сл. Само за да ми доловат колку се задоволни од производот што го добиле. Секој сака да го израдува најблискиот на што пооригинален начин, како би му искажал колку му значи личноста, па одлуката за уникатна изработка што би останала за успомен е секогаш полн погодок.

Кои се Вашите планови по празничната сезона, дали рачната изработка и персонализираните украси имаат место во домот и во текот на целата година?
Имам понуда на различни персонализирани изработки, како и декорирање со балони, свадбени церемонии, свадбени китенки и украси, персонализирани кутии и кошници за посебни пригоди, како родендени или имендени, па мојата креативна работа не застанува тука, постојано добивам нови идеи, а понекогаш и клиентите ми ги предлагаат, па на крајот за да излезе уште еден уникатен примерок. Мој план и визија е да понудам и да створам радост, среќа и љубов со секое ново изработено парче декорација за секој дом, прилика и пригода.






