Познатата писателка трогателно за умирањето – кога душата ти е веќе во носот
Додека си во кревет, ти се чини дека си здрав. А потоа седнуваш на работ од креветот и одлучуваш: сега ќе станам...ха, ха.

Хрватската писателка Ведрана Рудан објави на својот блог Rudan.info текст со наслов „За умирањето“, посветен на нејзините блиски луѓе кои се покрај неа за време на борбата со тешката болест.
Посебно признание им оддаде на медицинските работници што се грижат за неа.
Текстот на Ведрана Рудан го пренесуваме во целост:
„Умирањето е досадно да побудалиш. Додека си во кревет, ти се чини дека си здрав. А потоа седнуваш на работ од креветот и одлучуваш: сега ќе станам, ќе се спуштам на приземјето и ќе тргнам во градината. Во живот. Ха. Ха. Некако се исправуваш и тргнуваш кон бањата. Душата ти е веќе во носот. Треба да ги измиеш забите, да се измиеш, да го намачкаш лицето со крем, да го погледнеш во огледало своето ново лице.
Кој е тоа? Госпоѓата е слаба, има нова фризура, кратка. Косата ѝ е чиста затоа што маж ѝ ја вози двапати неделно кај фризерката. Не знам колку вие во животот имате пријателки, деца, роднини. Кога погледнувам назад, зад мене е година ипол „долга и тешка болест“, така тоа го пишуваат во читулките, најблиски личности ми се мажот, синот, ќерката, фризерката Јасмина и пријателката од детството. Да, и три девојки од Трсат, и три девојки од Загреб, и една девојка од Опатија. Тоа би било сè. Многу? Малку?
Медицинските сестри за кои никогаш никој нема да ја напише вистината се натприродни суштества. Насмевка, нежно будење во три сабајле заради менување на инфузијата, насмевка, местeње на перницата, покривката, насмевка. За болеста не се зборува. Ниту за немоќта. Ниту за смртта. Се чувствуваш виновна. Толку многу млади девојки околу тебе скокаат, знаат ли тие дека тебе не ти е ништо, ништо страшно, ништо тешко? Ним им е тешко како што тебе никогаш не ти било. Не зборуваат за тоа. ‘Тоа е нашиот живот, вистинскиот живот, останатото е пауза.’
Докторката. Светлина. Добрина. Кога ќе се сетам на неа, секогаш останувам без текст.
Се враќам на Јасмина. Сакам да напишам колку ми значи. Со неа сум барем двапати неделно среќна затоа што можеме да зборуваме за што било. Со неа сум здрава сè додека не станам од столчето и не се обидам весело да направам три чекори до вратата. Три чекори се многу чекори и некако треба да се дојде до здив. Блажен е креветот и блажен е мобилниот и блажен е мојот син кој моите чкртканици ги претвора во текст за вас. Каква радост кога ќе го видам на екранот.
Еј, можеби всушност токму вие што го читате ова ми помагате најмногу да го преживувам умирањето.




