Повторно се огласи сопругата на починатиот Андреј од ДНК – дискотеката редовно користела пиротехника?
„Диското Пулс редовно си користело пиротехника од 2016, од каде идејата дека групата ДНК би ги донела?“

Сопругата на настраданиот пејач Андреј Ѓорѓиески од групата ДНК, Наталија, се огласи повторно преку социјалните мрежи.
Имено, таа повторно со револт се обрати на социјалните мрежи, каде објави и една слика од клубот во кој се случи несреќата.
Таа и претходниот ден се огласи, огорчена што полицајци дошле во нејзиниот дом да го бараат нејзиниот сопруг, и тоа пред нивната малолетна ќеркичка, додека за тоа време безживотното тело на Андреј лежело во една од болниците.
Принтскрин/ социјални мрежи
Таа сега сподели една слика од настап во клубот „Пулс“ што се случил претходно, а на кој исто така се гледа пиротехника.
И бидејќи претходно министерот Панче Тошковски на прес-конференција изјави дека во разговор со еден од членовите на бендот ДНК било востановено дека пиротехниката била обезбедена од бендот, вдовицата на починатиот пејач сега на својот Инстаграм профил напиша:
„Дали и тука настапувачот си ги донел факелите со оган?“, напиша таа на Инстаграм скршена од болка по големата загуба.
Принтскрин/ социјални мрежи
Таа потоа сподели и една објава на Елена Ристеска, која е колаж од фотографии од пред неколку годин9 од дискотеката „Пулс“, а на кои се гледа дека пред бината повторно има прскалки, а на кои пишува:
„Диското Пулс редовно си користело пиротехника од 2016, од каде идејата дека групата ДНК би ги донела?“, пишува врз објавата.
Принтскрин/ социјални мрежи
Потсетуваме, во страшната несреќа што се случи во Кочани за време на концертот на ДНК загинаа најмалку 59 лица.
Покрај загинатите има и многу тешко повредени кои моментално се на лекување, а повеќето од нив се млади луѓе.
Меѓу починатите се и осум членови на групата „ДНК“ – пејачот Андреј Ѓорѓиески, тапанарот Ѓорѓи Горгиев, клавијатуристот Филип Стевановски, гитаристот Александар Коларов, фотографот Александар Ефремов, придружниот вокал Сара Пројковска, тон-мајсторот Игор Велков и битбоксерот Мартин Атанасовски. Владимир Блажев – Панчо, кој заедно со Андреј е еден од основачите на бендот, ја преживеа несреќата, но во моментот е во болница со тешки изгореници и е приклучен на кислород. Несреќата ја преживеа и Ана Костадиновска, придружен вокал во групата, која во моментот е во стабилна состојба.
Принтскрин/ социјални мрежи
Но зошто? Мораше ли ова да ни се случи…
По страшната несреќа која што ја завеа во црно цела Македонија, многумина се прашуваат колку луѓе би биле спасени доколку газдата на клубот ги почитувал правилата, односно местото имало барем уште еден помошен излез наменет токму во случај на вакви несреќи, а кој едноставно МОРАЛО да го има.
Исто така се поставува и прашањето како ова место кое повеќе наликува на шупа отколку на дискотека, воопшто имало дозвола? Посебно што на снимките и фотографиите јасно се гледа дека на прозорите има решетки, и се користи само една мала врата како за влез, така и за излез.
Принтскрин/ социјални мрежи
И токму заради ова на сите граѓани во Македонија, но и на целиот регион овие неколку дена се прашуваат само едно, а тоа е:
Зошто?
Мораше ли да се случи една ваква страшна несреќа за да почне системот да работи и дали тој воопшто некогаш ќе проработи во нашата земја или повторно сé е само фарса и собирање поени?
Од она што досега го видовме од одговорните и пред сé од ароганцијата на некои од нив и од нивното однесување, крајно разочарувачки е и ништо не влева надеж дека во нешто ќе се смени…
Секоја чест на исклучоците…