ИнтервјуНега и здравјеПортрети
COVER STORY

Поважно ми е да сум среќна и задоволна, отколку да се комплексирам за некои недостатоци – женски муабети со Татјана Стојановска

„Веќе одамна не носам високи потпетици ако не морам, а кога морам гледам тие да се што пониски. За на настани и за на вести секако се облекувам во склад со потребата“ вели за Гламур Татјана Стојановска

Advertisement

Гламур интервју со Татјана Стојановска

Татјана Стојановска е едно од нашите најпознати ТВ лица,  а на сите нам добро позната  и како екс Мис на Македонија од 1992 година. Нејзината убавина е вонвременска. Таа е една префинета дама која секогаш изгледа беспрекорно  средена на Тв екраните, и со  нејзиниот специфичен и препознатлив радиофоничен  глас  скоро секојдневно ги пренесува информациите на гледачите како презентер на Дневникот на Канал 5 Тв. За нејзината нега и за убавината вели дека многу и  е поважно да биде  среќна и задоволна во животот отколку да се комплексира за некои недостатоци и промени. Што уште ни откри оваа прекрасна дама во врска со тоа кои се нејзините ритуали за нега и убавина, прочитајте во продолжение…

Advertisement
Приватна архива

Прашање: Како поранешна Мис на Македонија, од оваа дистанца какви спомени ви буди тоа време? И како дојде до одлука да се пријавите за изборот за Мис?

Многупати имам зборувано за тоа како дојде до идејата за моето учество на изборот за Мис на Македонија 1992 и не би го повторувала истото, само ќе кажам дека тоа беше идеја на мои роднини и желба на моите родители. Јас не бев нешто премногу заинтересирана за учество на избор за мис но за да им ја остварам нивната желба се пријавив и воопшто не ни очекував дека ќе ја понесам титулата Мис на Македонија 1992 година. Но ете судбината така сакала и имала план за мене.

Така што после таа титула со сплет на околности ми се отвораат патиштата за телевизиска кариера, за која исто така не ни планирав да се случи, но еве останав тука и до ден денеска.

Секако учеството на изборот за мис ми е еден убав спомен од младоста на кој се сеќавам секогаш како едно убаво искуство. Караванот на убавината како што беше наречен во организација на тогашната Ревија Екран траеше една недела и се претставувавме во неколку градови во Македонија пропратено со музичка програма со еминентни пејачи од забавната и народната музика. Финалето се одржа во Охрид во хотелот Силекс и иако и на претходните настапи секогаш бев или прва или втора придружничка не ни претпоставував дека токму јас ќе бидам избрана за Мис. Но ете тоа се случи.

Advertisement

Прашање: Важите за една од најубавите жени кај нас, која има безвременска убавина. Која е тајната на вашиот беспрекорен изглед?

Ви благодарам за комплиментот. Иако веќе направив 50 години и секако не е исто како кога имаш 30 или 40 гледам да ги прифатам сите промени на телото и да се носам со нив. Многу ми е поважно да сум среќна и задоволна во животот отколку да се комплексирам за некои недостатоци и промени. Се надевам дека така ќе остане и понатаму. Ова е доба во животот кога многу повеќе даваш акцент на внатрешниот мир, спокој и здравјето отколку на изгледот, но секако и тоа гледам да го одржувам колку што можам.

Прашање: Каков е Вашиот дневен козметички ритуал, и со какви препарати го негувате лицето?

Во однос на негата на лицето применувам вообичаена нега со темелно чистење со пена за отстранување шминка, и хранење со серум и хранлив крем за лице. Имам сува кожа и затоа применувам помасни креми за вечер, а хидратантни за преку ден. Исто така поради работата користам секојдневно пудра за лице и коректори за околу очи кои гледам да бидат помасни за да не го сушам дополнително лицето.

Приватна архива

Прашање: Во последно време се појавуваат многу не-инвазивни методи за подмладување како: Ласери, Мезотерапија, ПРП, дали мислите дека овие методи помагаат и дали сте ги пробале?

Веќе 8 години сум бренд амбасадор на центарот за подмладување Промоиталиа и користам дел од нивните процедури. Конкретно ги користам ПРП третманите со крвна плазма, ласерот за трајна епилација кој го имам направено пред години и кој го препорачувам затоа што го олеснува животот на една жена. Редовно користам ботокс на глабела, чело и околу очи со кои се одржува свежиот изглед без бори на тие делови од лицето. Филер ставам повремено на некои делови на лицето со цел одржување на тонусот на лицето. Предрасудите за користењето на филери и ботокс што постојат кај некои луѓе се навистина неосновани, во што се убедив и јас сиве овие години откако почнав да ги користам овие процедури. Ако не се претера овие процедури може да ти ги отстранат недостатоците, а сето тоа да изгледа умерено и природно.

Прашање: Колку внимавате на исхраната и кои намирници се во вашето мени, а кои ги имате исфрлено, или дали можеби практикувате некоја диета?

Се трудам да внимавам но некако со годините потешко ми оди постигнувањето на целта, па си ја подигнувам и границата на килограмите, што е и нормално. Не е можно да ја имаме истата килажа која сме ја имале пред 20 години на пример. Како што реков и претходно си ги прифаќам промените и не сакам да си дозволам да се оптеретувам со нив. Убава жена е задоволна жена.

Прашање: Што мислите за естетските корекции и дали можеби во иднина би направиле?

Како што кажав правам процедури со ботокс и филер, но немам направено хируршки корекции. До сега не сум имала потреба но ако имам би направила, на пример подигнување на очните капаци. Ги оправдувам и ги поддржувам сите кои имаат некои недостатоци како крив нос, клемпави уши, спуштени очни капаци на пример да го направат тоа доколку им пречи во естетиката, а и во функционалноста.

Прашање: Важите за една од оние жени кои навистина внимаваат на својот изглед. Колку следите мода? Дали сами ги одбирате парчињата што ги носите?

Најдобро се чувствувам во полежерна облека и кога можам и ми дозволува пригодата се облекувам така што нема да ми пречи облеката и чевлите. Веќе одамна не носам високи потпетици ако не морам, а кога морам гледам тие да се што пониски. За на настани и за на вести секако се облекувам во склад со потребата. Палтата и кошулите и блузите се задолжителни за на вести, па затоа гледам приватно да не ги носам затоа што и јас сакам промена.

Приватна архива

Прашање: Каде го насочувате креативниот дух, кога не сте фокусирани на обврските?

Во домот, во кујната, во одгледувањето цвеќиња. Можеби еден ден ќе живеам во куќа па ќе си создадам и градина, а денеска се задоволувам со саксиски цвеќиња на тераса и околу бирото на работа, со кои им ја разубавувам и работната средина на колегите.

Имам насликано и неколку слики што е сосема аматерски и подарени на мои блиски луѓе но некако во последно време немам многу желба и неколку платна ме чекаат да ги нацртам. Верувам ќе ми дојде повторно желбата, а и инспирацијата за некого да направам слика како подарок.

Прашање: Како го постигнувате Вашиот внатрешен мир и што е она што најмногу ве релаксира?

Во последно време немам многу фокус да гледам филм или серија или да читам книги. Се повеќе сум на телефон и гледам емисии, поткасти и интервјуа на јутјуб. Од пред неколку недели почнав да одам на јога и ја откривам таа активност која ме воодушеви и се повеќе сфаќам дека тоа е за мене и мојата возраст и природа. Се уште сум на почеток, но се надевам дека ќе остане моја рутина долги години натаму. Освен тоа сакам и да пешачам покрај Вардар што исто така ми дава мир, спокој и убава енергија.

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .
Advertisement

Поврзано

New Ad
Back to top button