Бадник се слави вечерта пред Божиќ во кругот на семејството со традиционална посна вечера како завршеток на божиќниот пост.
Меѓу народот постои верување дека трпезата треба да биде богата, полна со различни јадења, за и целата следна година да биде богата и изобилна. Овие рецепти се доказ дека и посната храна може да биде вкусна и со нив сигурно ќе ја збогатите бадниковата трпеза.
ЗАПЕЧЕНА ПОСНА САРМА
Потребни состојки:
20 листа кисела зелка, 2 поголеми страка праз, 3 чешниња лук, 300 грами семе од сончоглед, 200 грама ориз, 2 моркови, сушен магданос, бибер, сол, црвен пипер, 200 мл. масло
Подготовка
Семето од сончоглед и пиперките потопете ги во топла вода и оставете ги да отстојат петнаесетина минути. Исчистете го празот, исечкајте го ситно и пропржете го, а потоа додадете ги претходно исцедените пиперки и сончогледот, како и оризот. Додадете исечкан лук, изрендан морков и зачини по вкус. Измешајте убаво и оставете да се олади. Потоа од смесата ставајте на листовите зелка и виткајте сарми. Наредете ги во сад за печење, прелијте со запршка од црвена пиперка и масло и печете поклопено околу два часа.
ПИПЕРКИ ПОЛНЕТИ СО РИБЈО МЕСО
Според рецепт од светогорските маниастири
Полнети пиперки не се прават често на Хиландар, бидејќи обично има многу гости, а подготовката бара доста работа. Но, не ретко и самите гости помагаат – да се наберат пиперките, да се тргнат дршките и да се исчистат семките и да се измијат. Сето ова се прави еден ден однапред. Тогаш се подготвува и филот. Најпрво се сече поголема количина кромид и се пржи. Рибата се чисти, меле и додава во кромидот. Потоа се додава магданос, малку оригано, сол и исчистен ориз. Целата смеса се пропржува и се остава наутро да се наполнат пиперките. Секоја пиперка треба да има свој капак. Се полнат и се редат во тава, се додава ситно исечкан магданос и се додава вода. Пиперките се ставаат на оган да се варат и како што испарува водата во нив се додава изрендан домат и масло, и така постојано, се додека не испари целата вода, и не остане само вкусниот сос. Тавата треба да биде поклопена додека пиперките се варат. За полнети пиперки со риба рибата не мора да биде од врвен квалитет, бидејќи состојките даваат извонреден вкус, така што рибата служи само како извор на протеини. Важно е само пред мелење, добро да ја исчистите од коски.
ПОСНА САЛАТА ОД ТЕТОВСКО ГРАВЧЕ
Посна салата од тетовско гравче на косовски начин
Новогодишните и божиќните празници се време на пости, па еве еден интересен посен рецепт со кој можете да ја збогатите посната празнична трпеза.
Потребни состојки:
500 грама грав тетовец
5 суви лути пиперки
2 чешниња лук (истолчен)
масло
оцет
сол
Подготовка:
Ставете го гравот во студена вода да отстои преку ноќ за да може побрзо да се свари. Ставете го да се вари, а за тоа време потопете ги сувите пиперки во вода и оставете ги да отстојат петнаесетина минути, а потоа исцедете ги и исечкајте ги на ситно. Испасирајте го сварениот грав, додадете ги пиперките, истолчениот лук, сол, оцет, масло и убаво измешајте. Салатата е готова.
Време на подготовка: 45 минути
АРОМАТИЧНИ ТОПЧИЊА ОД КОМПИР
Потребни состојки:
1 кг. компири, 125 грама маргарин, праз, 3 чешниња лук, масло, суви растителни зачини по желба.
Подготовка:
Излупете го компирите, обарете ги и исцедете. Додадете го маргаринот и сувите растителни зачини и измешајте со миксер. Додадете ситно сечкан лук, па кога смесата ќе се излади, намрсете ги рацете со масло и правете топчиња. Редете ги во соодветна рамна чинија. Исечете го празот и пропржете го и потоа со него прелијте ги топчињата.
ПИПЕРКИ ПОЛНЕТИ СО ГРАВ
Потребни состојки:
500 грама грав, 4 главици кромид, 8 кисели пиперки бабури од туршија, црн бибер, масло, сол
Подготовка:
сварете го гравот заедно со исечените парчиња од кромид и исцедете го. Потоа измелете се заедно, додадете масло и бибер по вкус. Со добиената смеса наполнете ги киселите бабури од туршија. Преостанатиот грав ставете го на дното во тавата, а над него наредете ги пиперките и кратко потпечете во рерна.
СТАРИНСКИ „ПРЕБРАНАЦ“
Потребни состојки:
500 грама грав, 1 кг. кромид, бибер, сол, црвен пипер, масло
Подготовка:
Сварете го гравот и посолете. Исечете го кромидот на ребра и пропржете го на масло. Кога ќе се карамелизира, додадете малку вода. Во земјен сад ставете ред грав, па ред кромид. Прелијте со масло, додадете бибер и посипете со црвен пипер по вкус. Запечете во рерна.
КОРПИЧКИ СО САРДИНИ И РАСТИТЕЛЕН КАШКАВАЛ
Потребни состојки:
16 шампињони, 2 конзерви сардини, црвена печена пиперка, 100 г. растителен кашкавал, лимон, црн пипер, сол
Подготовка:
Исчистете ги шампињоните, исечете ја дршката, а врвовите наредете ги во мрсна тава. Измешајте ги сардините во блендер заедно со маслото од конзервата. Додадете ја ситно исечканата пиперка и сок од лимон, црн пипер и сол по вкус. Наполнете ги шампињоните со смесата и запечете во рерна петнаесетина минути. Потоа извадете ги, посипајте ги со рендан растителен кашкавал и печете уште малку додека кашкавалот не се растопи.
ПИТА СО ТИКВА И СЕЧКАНИ ОРЕВИ
Потребни состојки:
500 гр. кори, 700-800 гр. изрендана тиква, 250 гр. сечкани ореви, 150 гр. шеќер, масло по потреба, цимет
Подготовка:
Изрендајте ја тиквата, додадете ги сечканите ореви, шеќерот и циметот, па убаво измешајте ја смесата. Попрскајте една кора со масло, па на неа ставете друга кора, па повторно попрскајте масло, па преку неа ставете трета кора и на неа распоредете го филот од тиква. Замотајте во ролна и ставете во тавата за печење. Правете на истиот начин ролни се додека имате материјал, па потоа печете околу 40 минути на 180 степени.
Извор: Blic.rs, Posnajela.rs, Штипка