Младенчињата традиционално се приготвуваат за празникот Младенци. Се прават 40 колачиња во чест на Светите 40 маченици Севастиски, чиј празник се совпаѓа со Младенци, плус едно дополнително „за приновата што младата ќе ја донесе во куќата“.

Бидејќи оваа година Младенци паѓа во периодот на Велигденскиот пост, ви носиме рецепт за посни младенчиња.
Состојки:
500 г брашно
Половина пакување квасец (околу 40-50 г)
1 лажица шеќер
2 лажици масло
Млака вода
1 кафена лажичка сол
Мед за премачкување
Мелен орев
Начин на подготовка:
Брашното ставете го во еден сад, додадете масло, квасец, шеќер, сол и вода, па замесете тесто. Оставете го добро измесеното тесто да одмори на топло место околу половина час. Потоа, развлечете го тестото со сукало на дебелина од еден прст. Со чаша вадете мали округли „младенчиња“ и наредете ги во подмачкан плех.


Оставете ги младенчињата повторно да одморат на топло околу половина час. Потоа, премачкајте ги со масло и на горната површина избодете ги со чепкалка (според обичај, се користи гранче од овошно дрво во цвет).
Печете ги на умерена температура додека добијат златна боја. Откако ќе се изладат, секое младенче премачкајте го со мед и наросете го со мелен орев.

Овој симболичен рецепт ја претставува љубовта, верноста и пожртвуваноста во бракот, а посната варијанта е совршена за сите кои го почитуваат Велигденскиот пост.