Последно збогум генерале – Македонија загуби голем човек

По кратко боледување, денес на 92 – годишна возраст почина пензионираниот генерал-мајор Боце Перески.
Перески е роден на 22 август 1933 година, во село Стровија, Прилепско. Генералот Перески во текот на неговата воена кариера, до неговото пензионирање во 1993 година, извршувал повеќе должности во Армијата. Својата офицерска служба ја започнал како потпоручник во 1952 година, а во чин генерал-мајор унапреден е во 1987 година. Во својата кариера како армиски офицер, службувал главно во Р.Македонија, како припадник на ЈНА и како припадник на македонската армија по нејзиното создавање.
Во текот на службата извршувал повеќе должности, меѓу кои Началник за АБХО во пешадиска дивизија, Командант на баталјон за АБХО, Началник за АБХО во 3. Воена област, Командант на Штаб за територијална одбрана на град Скопје, Командант на Командата за одбрана на град Скопје, Началник на Републички штаб за територијална одбрана на СР.Македонија и Помошник на командантот за морално воспитување во командата на 3. Воена област .
Во текот на долгогодишната служба добивал бројни пофалби, признанија и други награди, како потврда за неговото залагање и професионален однос кон службата и одбраната на татковината, а меѓу останатото е одликуван и со: Медал за воени заслуги, Орден за воени заслуги со сребрени мечеви, Орден на Народната армија со сребрена ѕвезда, Орден за воени заслуги со златни мечеви,Орден на Народната армија со златна ѕвезда и Орден на братството и единството со сребрен венец.
Генералот Боце Перески ќе биде погребан со воени почести утре 22.9.2025 година, на Градските гробишта Бутел, во Скопје во 13.00 часот, а посмртните останки ќе бидат изложени во капелата од 12:00 часот.