Гламур интервју со др. Дејан Димитровски, доктор по естетска медицина
Естетските корекции станаа апсолутен хит во последно време, за да дознаеме нешто повеќе околу ова поразговаравме со др. Дејан Димитровски доктор по естетска медицина, кој секојдневни ги разубавува своите клиенти. Тој вели дека за естетски корекции се заинтересирани како жените така и мажите од сите возрасти, но додава дека не ги третираат оние кои се зависни од истите. „Секој човек е психолошка индивидуа. Ние по професија не сме психолози и нема зошто да се правиме дека сме. Овие третмани се наменети за психички здрави луѓе кои сакаат да бидат поубави. Доколку кај пациентите постојат психијатриски состојби ние ги советуваме да се обратат на психијатар“ вели др. Дејан во разговор за Гламур. Што друго ни откри нашиот соговорник во врска со оваа популарна тема, дознајте во продолжение…
др.Дејан Димитровски др. по естетска медицина
Прашање: Неодамна бевте во Париз, за што конкретно бевте таму , какви новини донесовте од таму?
Се одржуваше светски конгрес и мастер курс за анти ејџинг медицина. Таму сите светски фармацевтски куќи кои се занимаваат со производство на препарати за естетска медицина имаа претставување на најновите препарати и техники. Бев во можност да ги дознаам најновите трендови за техниките за аплицирање на филери и ботокс, кои веќе успешно ги применувам во мојата пракса.
Прашање: Во кој хируршки зафат има најголеми ризици и кои се тие?
Заборавете естетска, операција е операција и секоја операција треба да се сфати сериозно. Операција која најчесто не успева како од естетски така и од функционален аспект е ринопластика.
Приватна архива
Прашање: Што претставуваат дермалните филери и како делуваат?
Тоа се течни импланти, кои се вградуваат со инјектирање во телото. Со нивна апликација тие доведуваат до зголемување на ткиво, што дава естетски ефект а понекогаш и функционален. Може да се автологни и хетерологни, а вторите привремени и трајни
Прашање: Што освен филери практикувате во Вашата ординација?
Целосно се од естетската медицина, конци, ботокс, биоревитализацијата, биостимулација, ласерски третмани, инфузии за подмладување, третмани за слабеење, третмани за зголемување на мускулната маса, липолиза, мезотерапија, хемиски пилинзи и две што постои од естетската медицина
Приватна архива
Прашање: Како се доаѓа до нови откритија на полето на естетската медицина?
Исто како во секоја наука, од експерименти, студии на животни, клинички испитувања и на крај докази базирани на науката
Прашање: Дали треба докторот по естетска медицина да биде и добар психолог или мора во тимот да има посебно и психолог, и колку е важен тој момент за еден пациент-клиент?
Секој човек е психолошка индивидуа. Ние по професија не сме психолози и нема зошто да се правиме дека сме. Овие третмани се наменети за психички здрави луѓе кои сакаат да бидат поубави. Доколку кај пациентите постојат психијатриски состојби ние ги советуваме да се обратат на психијатар.
Приватна архива
Прашање: Дали лошо влијаат на Вас и вашата професија, личностите кои што стануваат зависни од естетски корекции, и колку е тенка границата од тоа колку треба и кога се претерува?
Не ги третираме, бидејќи нивниот проблем не е естетски.
Прашање: Кои се најчестите заблуди за естетските корекции?
Дека кога ќе помине ефектот на филерите или ботоксот ќе изгледаат полошо од претходно.
Прашање: Важни ли се годините за естетските корекции?
Потребно е да е завршен растот на коските и да е здрав пациентот, во смисла да не постојат контраиндикации за интервенција.
Приватна архива
Прашање: Дали поголем интерес за естетските корекции има кај младите или кај повозрасните лица? Што бараат помладите а што повозрасните?
Помладите најчесто коригираат усни и носеви. Доколку постои некоја коскена аномалија како слабо изразена брада или долна вилица. Повозрасните најчесто се подмладуваат.
Прашање: По естетските корекции, колкав е временскиот период на закрепнувањето?
Некои немаат закрепнување, додека други до 2 недели најдолго
Прашање: На која возраст бил најмладиот пациент на кого сте му извршиле естетска корекција?
Најмладиот пациент ми бил на 13 години.
Приватна архива
Прашање: Дали и мажите како жените имаат интереси за естетски корекции и кои се тие?
Да, скоро и да се 1:1 во проценти.
Прашање: Може ли секој да прави естетски корекции или има некоја состојба поради која не смее?
Постојат апсолутни и релативни контраиндикации. Апсолутна контраиндикација се активни карциноми, затоа што не постојат клинички студии, доење бременост, и секако терминални состојби, сепси, шокови состојби.