Поминавме траума, посебно Петар, кој имаше само 2 години -ЕКСКЛУЗИВНО интервју со Гордана Јанкуловска за мајчинството
Мојот сопруг е одличен родител кој за жал неколку години беше и единствениот родител со кој син ми растеше, вели Јанкуловска.
Гордана Јанкуловска, поранешна министерка за внатрешни работи, жена, мајка, сопруга…
Нејзината животна приказна не е лесна, три години помина во затвор, тогаш нејзиниот малолетен син растеше без физичко присуство на мајка си.
Јанкуловска пред неколку месеци е на слобода, се врати во својот дом и сега е копмплетно посветена на мајчинските обврски. Таа понекогаш знае и да сподели на социјалните мрежи некоја фотографија од тоа како го минува времето со семејството.
Ја поканивме да биде дел од нашата рубрика -РОДИТЕЛИТЕ НА 21 ВЕК, срдечно ја прифати нашата покана за интервју и поминавме еден пријатен разговор со неа. За тоа како го поминала најтешкиот период оделена од синот, Јанкуловска ни открива на кој начин го воспитуваат синчето, дознавме и какви игри играат…
Уживајте во екслузивното интервју со Гордана Јанкуловска.
Дали е тешко да се биде родител на 21 век?
Да се биде родител е најодговорната улога што еден човек може да ја има, но за разлика од другите задачи со кои се соочуваме во животот каде што одговорноста и тежината се правопропорционални, родителската улога воопшто не ја доживувам како тешка.
Опишете ни какво дете е малиот Петар?
Петар за некој месец ќе наполни 6 години. Тој е темпераментно и љубопитно дете кое многу сака да си игра, да истражува и да учи нови работи. Ја сака природата, го знае целиот процес на производство на храна “од нива до трпеза” и уште од најмала возраст расте со домашни миленици и премногу ги сака животните.
Како го доби Петар своето име?
Името Петар го одбравме уште пред да се роди затоа што е интернационално христијанско име со силна симболика.
Петар не само што е име на еден од 12 Апостоли, туку неговото значење се поврзува со цврстина, одлучност и непоколебливост. Подоцна се покажа дека во однос на неговиот карактер името одлично му одговара бидејќи и на најмала возраст овие особини почнаа да се препознаваат во неговиот карактер.
Раскажете ни некоја смешна и интересна ситуација која што ја направил и ве насмеала до солзи.
Не би издвоила некоја посебна случка бидејќи со дете како него секој заеднички момент е интересен и уникатен.
На кој начин го воспитувате вашиот син, на традиционален метод или користите модерни техники?
Не сме родители кои строго следат однапред пропишани правила и амбициозно го форсираат детето. Сепак на различни начини се информираме за фазите на развој и за тоа што може да се очекува на негова возраст.
Пред се се трудиме да го научиме кои се вистинските вредности во животот, да го поттикнеме пристојно да се однесува и да стане добар човек. Големо влијание во неговото воспитување имаат и бабите, дедо му и се разбира воспитувачките од градинка, па така овие влијанија понекогаш може да се препознаат во неговите постапки :-)
Како го поминувате слободното време?
Слободното време го минуваме во бескрајни игри. Игри во кои до израз доаѓа детската креативност и фантазија, игри со секаков вид на играчки но најмногу со колички. Најчесто тоа не се стандардни игри туку се производ на неговата имагинација, но играме и друштвени игри, многу сака да му раскажуваме и да му читаме приказни.
Како ги делите обврските околу вашиот син со сопругот?
Заеднички се грижиме за Петар, кај нас нема активности за кои ексклузивно е задолжен само еден од нас.
Мојот сопруг е одличен родител кој за жал неколку години беше и единствениот родител со кој Петар растеше и го поминуваше времето.
Како го поминавте тој период додека бевте во затвор? Може ли да дадете некој совет за некоја жена што поминува низ истото?
Тоа беше една исклучително тешка и трауматична ситуација за целото семејство, но пред се за Петар кој се соочи со неа на возраст од само 2 год и 3 месеци.
Кога човек ќе се најде пред некое животно искушение многу е важна поддршката од семејството, од блиските, и од средината која ние ја имавме. Но сепак силата да се издржи, секој сам на различен начин ја пронаоѓа во себе.
Дали Скопје е убав град за растење на деца?
Скопје е наш град со кој не поврзуваат спомени и емоции, но далеку е од добро место за живеење. Неговата запоставеност, недостатокот на содржини и загадениот воздух, животот во него го прават натпревар за издржливост наместо возбудлива авантура.
Какви афинитети покажува Петар, дали веќе ја открива својата идна професија? Или можеби некаков талент за нешто?
Тој е љубопитно дете кое истражува и зависно од амбиентот покажува интерес за различни работи, за различни игри, за различни спортови но сето тоа е далеку од нешто што би наликувало на негова животна определба. Сеуште е рано, кога ќе дојде времето тој самиот ќе го препознае тоа што би сакал да биде негова професија.
Фотографиите се приватна архива.