Снеже Велков е многу добро позната на нашата јавност од медиумите. Препознатлива по својата прекрасна насмевка и љубезност, таа секоја недела ги пречекува нејзините гости во емисијата „Нешто конкретно“ на која што е и автор и водител. Една е од најуспешните ТВ водителки кај нас кои во својата професионална биографија ги има едни од најпопуларните ТВ проекти како „Х Фактор“, „Бекстејџ“, „Ред Хот“, „Биг Брадар“, „Вип на еден ден“….
Приватна архива
Вие сте една од најуспешните ТВ водителки кај нас кои во својата професионална биографија ги има едни од најпопуларните ТВ проекти како Х Фактор, Бекстејџ, Ред Хот, Биг Брадар ,Вип на еден ден, а во моментов е автор и водителка на емисијата Нешто Конкретно. Задоволни ли сте од она што до сега сте го дале од себе во етерот или имате и некој идеа што во иднина би сакале да ја реализирате?
Прво сум бескрајно благодарна што ми се наместиле коцките за да во својата биографија ги имам ваквите реализирани проекти, задоволна сум што доживеав да бидам дел од толку големи продукциски проекти (Х фактор, Биг Брадар) таму ја гледаш вистинската магија на телевизиската моќ. Импровизациите се сведени на минимум, успехот е загарантиран, а твое е само да ги следиш правилата на игра.
За овдешните проекти нема правила на игра, има трпеливост, има упорност креативност и борба за докажување, покажување, едуцирање и растење.
За идеи имам, за реализација –ќе биде, времето ќе си покаже кога точно.
Од оваа дистанца каков совет би и дале на онаа Снеже на почетоците од Вашата ТВ кариера?
Помалку верувај во другите повеќе верувај во себе
Приватна архива
Родена сте во Македонска Каменица но уште од средношколските денови живеете во Скопје. Дали често одите во родниот град и какви спомени ве врзуваат за таму. Што има таму што го нема во Скопје?
Со годините се помалку одам. А она што го нема во Скопје е чувството на безгрижност.
Кој од сите проекти што досега сте ги воделе Ви е најдраг или по нешто би го издвоиле?
„Ред Хот“ е моето првенче па емоцијата е најдлабока таму, „Бекстејџ“ ми е моментот наречен како се калеше челикот, „Х фактор“ е најголем, „Вип“ на еден ден е најзахтевен а „Нешто Конкретно“ ми е нај мој и таму сум нај-јас. А сите ми се подеднакво драги!
Приватна архива
Кога ќе се сетите на Вашето детство што прво Ви паѓа на ум?
Возење со велосипед и играње баскет.
Бевте и Пилатес инструкторка, какво беше за Вас ова искуство?
Преубаво. Жалам што заради повреда морав да ги прекинам часовите, но придобивките во смисла на пријателства со вежбачките се најубавото нешто. И ден денес иако поминаа повеќе години си и ја имаме вибер групата и исто си се сакаме и поддржуваме како и кога трениравме заедно. А моето вежбање си останува и ден денес само не пред вежбачки, туку за себе и пред Инстаграм следачите.
Приватна архива
Што недостига во нашите медиуми имаме ли добри водители/водителки и од кого Вие учевте за водителството/новинарството?
Недостига стратегија, храброст, иновација, преземање ризик и визија. Водители ќе создадеме, новинари ќе научиме, ама без визија ништо не бива.
Приватна архива
А што се однесува до тоа од кого учев, не учев од еден, туку од секого по нешто, некој ми беше инспиративен по храброста, друг по креативноста и поинаквиот начин на поставување на прашањата, трет по провокативноста, четврт по мудроста, а пети по досетките и шегите. Инаку се уште учам и се уште имам за учење многу…
Kако се запознавте со Вашиот сопруг и што е потребно за успешен брак? Која особина на Дарко најмногу ве освои?
Дарко ја има смиреноста и мудроста која мене признавам ми недостига, јас сакам нештата да ги решам брзо и во момент тој е сосема поинаков па тој е тука да балансира кога јас знам да раздрмам . Сметам дека она што е најважно за еден однос е прифаќањето, а не толеранцијата. Толеранцијата може да доведе до фрустрација и незадоволство, прифаќањето е она што ги средува нештата. А нашето запознавање беше кога дојде кај мене во емисија Ред Хот- 2005 година да го промовира својот веб сајт прв за огласи за вработување vrabotuvanje.com, и од тогаш, сме заедно и во животот и во бизнисот.
Приватна архива
Мајка сте која што е доста ангажирана со секојдневни обврски, каква мајка е Снеже и како ги воспитувате своите деца, стигнувате ли да најдете време за се?
-Јас сум мајка која има правило, ако детето те побарало да ти каже нешто- тогаш тоа е најважната работа на свет. Запирам со работа, престанувам со активноста и слушам што има да каже, да побара, да признае, да раскаже или само да сподели некоја досетка. Така сметам дека ја градиме довербата и моментот- тука сум за тебе можеш на мене да се потпреш секогаш и во секое време.
Приватна архива
Не сакам да имаат некој страв или да мислат сега не не време, да ја прекинам мајка ми, има поважна работа. Не, тие ми се најважната работа на свет и се друго може да почека.
На вашиот Инстаграм профил често пати споделувате дел од Вашето секојдневие и за тоа дека сте поборник на здрава храна, чинам ако не грешам веган сте, дали и дома настојувате сите да се хранат здраво и дали може да ни споделите некој здрав рецепт?
Јас сум веган од здравствени причини, а се трудам децата да јадат готвена храна и здрава храна, нормална не веганска. Мојот стил на живот децата го гледаат и не им е тешко ниту да прифатат бидејќи нештата не им се наметнати туку природно им доаѓаат. Знаеме два пати во месецот да нарачаме и некоја брза храна но сметам дека ако им забранувам да пробаат вкусови само лошо правам, првиот момент кога мама нема да биде тука ќе се пуштат во нездрава храна. Затоа си имаме баланс.
Рецепт: Најлесниот: изблендирајте јапонско јаболко, додадете какао, ставете во калапче, оставете во фрижидер и имате здрав нискокалоричен а многу вкусен пудинг.
Како се грижи Снеже за својата убавина, дневна рутина, и дали сте поддржувач на естетски корекции?
Наутро вежбање навечер рано легнување. Претпладне љубезност и почит кон непознатите, Попладне благодарност и поддршка кон луѓето што ги познавам. По дома – гушкање со блиските и љубов со моите тројца момци. Тоа се моите естетски корекции.
Приватна архива
Како би се опишале себеси со неколку збора?
Среќна по одлука, детална со причина, претпазлива од искуство, насмеана по природа, своја од раѓање
Доколку ги наредите по важност следниве поими- среќа, пари, љубов, здравје, слава, како би изгледала листата?
Здравје, љубов, среќа, пари, слава
Приватна архива
Која е најважната цел што сакате да ја постигнете во следните 5 години?
Да бидам нечија инспирација за да се промени на подобро.
Како ги полните батериите од сите ангажмани и обврски, што Ве опушта?
Ме опушта возењето велосипед сама, наутро, без луѓе и врева. Ме опушта читање книга и готвење. А од неодамна си најдов едно местенце тајно е, мало е не ништо посебно ама мое е. Таму мириса на спокој.