Подароци што носат среќа за Митровден – а овие подароци мора да се избегнат, носат болести и неволји
На слава не се носи скап подарок, туку подарок со симболика и благослов.

Свети Димитрија, или Митровден, е една од најпочитуваните есенски слави во Македонија и на Балканот. Во народната традиција, овој ден се смета за граница меѓу летото и зимата, се верува дека „Димитриј го носи снегот“. Тоа е време кога семејствата се собираат, кога се слави домот и од светецот се бара заштита од злото.
Покрај свечената трпеза (славата е мрсна), дарувањето има посебно место во овој ден, затоа што се верува дека подароците дадени со чисто срце и симболичност, носат благослов и среќа цела година.
Што симболизираат подароците за Свети Димитрија
Подароците на овој ден не се само гест на внимание, тие се симбол на љубов, благодарност и духовна поврзаност. Свети Димитрија се смета за заштитник на семејството, домот и патниците, па затоа подароците честопати ја носат пораката на заштита, сила и топлина.

Благословени подароци што носат среќа
Икона на Свети Димитрија или свеќник, се смета за најблагословен подарок. Иконата го штити домот, а свеќникот симболизира светлина и мир. Секако, иконата не мора да биде скапа, икони по многу достапни цени има во продавничките во составот на православните храмови.
Домашен колач – знак на изобилство и благослов, особено ако е направен со љубов.
Мед и ореви – традиционални симболи на здравје и долговечност.
Мирисливо масло или темјан – подарок со духовно значење, се верува дека прочистува и донесува мир во домот.
Рачно изработен крст, бројаница (може и купени од црковните продавнички) – симбол на заштита и духовна сила.
Керамичка ламба или фенерче – има прекрасно значење како симбол на божествена светлина и патоказ во темнина.
Домашна билна мешавина или чај во украсна тегличка – симбол на здравје, хармонија и природен баланс.
Манастирска ракија (купена од манастир) – симболично носи желба за здравје.
Црвено вино, кое е традиционален дел од славската трпеза, бидејќи се користи и за време на чинот во црква. Изберете квалитетно црвено вино во убава амбалажа.
Покреативен подарок е корпа со мрсни подароци (сирења, пршута, кобасици или домашна сланина).
Православен молитвеник или книга/житие на светителот е многу соодветен подарок.
Подароци што треба да се избегнуваат
Во традицијата, некои подароци се сметаат за неповолни затоа што носат „прекини“ или „раздор“ во домот:
Сите подароци што имаат остри работи, па дури и огледало и слично – симболизираат кавги и раздор.
Марамчиња – според верувањето, носат солзи и тага.
Празни садови или празен паричник – се смета дека го „исцедуваат“ богатството од домот.
Медицински помагала, мерачите за притисок, масажери и слично – не треба да се купуваат или прифаќаат како подароци, бидејќи се верува дека го влошуваат вашето здравје.
Марама/шамија – внесува неволји во животот на домаќинката.
Бисери – се верува дека се симбол на солзи и носат несреќа односно загуба во семејството ако се подарат на слава.
Црна облека – неповолна боја за празник, бидејќи не носи радост и светлина.
Часовник – старите верувале дека прифаќањето на часовникот како подарок го означува почетокот на одбројувањето до смртта. Исто така, тие веруваат дека подарениот часовник предизвикува прекин во врската или далечина.
Сепак, најважно од сè е да подарите со љубов и добра мисла, затоа што според народната изрека „не е дарот што се дава, туку срцето со кое се подарува“.



