Подадете рака, заедно да го спасиме храмот на Света Спаса Вишенска во с.Вишни – домот на чудотворката што носи благослови
Црквата „Свети Атанасиј“ во струшкото село Вишни повикува на хуманост и помош за конзервација на фреските и обновување на подот во храмот каде се чуваат моштите на светата Спаса Вишенска.

Храмот „Свети Атанасиј“ во селото Вишни, Струшко, кој е дом на моштите на света Спаса Вишенска, испраќа апел до јавноста и до верниците да помогнат во обнова на ова духовно светилиште.

Храмот не е во најдобра состојба. Фрескоживописот е оштетен и покриен со наслаги со што се нарушува неговиот изглед и трајност. Потребна е итна стручна конзервација и чистење. Подот е дотраен и неопходно е да се реновира, за достоинствен пречек на верниците.

„Вашата помош е многу значајна за зачувување на ова национално и духовно богатство“, стои во повикот од Црковниот одбор на село Вишни.
Целта на акцијата е конзервација на фрескоживописот и реновирање на подот, со што би се овозможило достојно почитување и зачувување на овој уникатен дел од нашето духовно и културно наследство.
Секоја донација, без разлика на износот, носи благослов и придонесува за спас на ова свето место. Секој денар од оваа кампања ќе биде потрошен исклучиво за наведените цели.
Банкарска сметка: 3001600000035433 Комерцијална Банка АД Скопје
Цел на донација: Донација за Црква Св. Атанасиј – Вишни
Или кај благајник на Црковниот одбор Таштаноски Спиро тел: +389 72 264 570

Ве молиме, споделете го овој апел со вашите пријатели и семејство. Вашата поддршка преку споделување е исто толку важна!
Со заеднички сили да го обновиме домот на Света Спаса Вишенска, за да свети во слава на Бога и да биде вечно место за поклонување и молитва!

Кратко житие за Света Спаса Вишенска
Житието на светите исповедници Спаса и Спасе е неразделно поврзано со историјата на манастирот посветен на Вознесението Христово над селото Заграчани, во месноста Бабуш. Манастирот постоел до османлиските освојувања, кога бил разрушен, а селото запалено. Се претпоставува дека светителите потекнувале токму од тоа село и, откако останале сираци, биле примени во блискиот манастир. По неговото уништување, тие започнале подвижнички живот по падините на планината Јабланица.
Света Спаса живеела во пештерната црква кај Вишни (која и денес може да се посети), каде маченички го завршила својот живот за да ја зачува верата и девственоста.

Свети Спасе се подвизувал над Вевчани, страдајќи поради својата вера, но и поучувајќи го народот во христијански дух. Се упокоил во длабока старост, а местото на неговото погребение останало непознато.
Моштите на Света Спаса Вишенска биле откриени во 1927 година на чудесен начин.
Имено, на Марија Дарданоска од село Долна Белица ѝ се јавила светителката во сон повеќепати, покажувајќи ѝ го местото во пештерата каде што почива нејзиното тело. По јавувањето, мештаните од Вишни и Долна Белица заминале таму и, при ископувањето, навистина ги пронашле моштите, кои ширеле блага и пријатна миризба.
При нивното вадење, Марија, која долго време била болна и неподвижна, по допир со моштите веднаш оздравела, што народот го прифатил како првото чудо на светителката.
Следувале бројни други чуда и исцеленија, а чуда се случуваат и денес.
Од тој момент моштите се чуваат во црквата „Свети Атанасиј“ во село Вишни, каде што постојано пристигнуваат верници од целата земја.

Знаеме за многу исцеленија што ги направила Света Спаса. Знаеме и за светлината, како сноп, што секоја година оди од едната пештерна црква над Вевчани, до другата над Вишни, видлива за секое око.
Истражувањата потврдуваат дека култот кон овие светители постоел уште од крајот на XIV век. За нив пишувале бројни научници и хроничари, меѓу кои и академик Цветан Грозданов, д-р Павле Митрески, Анастас Ќушоски, па дури и Бранислав Нушиќ, кој ги споменува светилиштата поврзани со нив.

И денес култот на Света Спаса Вишенска претставува живо сведоштво на верата, истрајноста и духовната сила на македонскиот народ, од времето на страдањата до денешните чуда што Бог ги твори преку неа.
Светиот архијерејски синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, на својата редовна седница во работен состав, одржана на 11 април 2024 година, по предлог на Синодската комисијата за канонизирање на светии, одлучи да ги вброи во диптихот на светители и исповедниците и праведни Спаса Вишенска и Спасе Вевчански.



