Почина оскаровката Дајан Китон – од што боледуваше, во какви односи беше со Вуди Ален и зошто никогаш не стапи во брак
Китон не беше само актерска легенда, туку и модна икона што ја наметна тенденцијата за машки стил во женската мода.

Американската актерка, оскаровката Дајан Китон, која стекна слава со улогата во филмот „Кум“ и „Ени Хол“ и по соработката со режисерот Вуди Ален, почина на возраст од 79 години, објави синоќа списанието „Пипл“ (People), повикувајќи се на изјава од семејството.
Актерката починала во Калифорнија, а членовите на нејзиното семејство побарале приватност во овие тешки моменти.
Дајан Китон испиша голема приказна во кинематографијата, не само кака славна актерка, туку и како режисерка и продуцентка. Причината за смртта засега официјално не е објавена, но според американските медиуми, Китон во последните месеци од животот доживеала ненадејно влошување на здравствената состојба. Нејзините најблиски пријатели и соработници не биле запознаени со сериозноста на нејзината состојба.
Познато е дека Китон во минатото отворено зборуваше за своите здравствени проблеми, вклучувајќи борба со булимија и со рак на кожа. Сепак, не е познато дали овие болести имале влијание врз нејзиниот последно влошување на здравјето.
Нејзината смрт предизвика бројни реакции низ уметничкиот свет. Бет Мидлер ја опиша Китон како „блескава, убава и извонредна“, додека Леонардо ди Каприо истакна дека била „единствена“.
Родена како Дајан Хол на 5 јануари 1946 година во Лос Анџелес, таа зад себе остави повеќе од половина век извонредна кариера.
Китон не беше само актерска легенда, туку и модна икона што ја наметна тенденцијата за машки стил во женската мода.
Блескава кариера
Светската слава ја стекна со улогата на Кеј Адамс, свршеницата, а потоа и сопруга на Мајкл Корлеоне (Ал Пачино) во култната трилогија „Кум“ на Френсис Форд Копола.
Но пресврт во нејзината кариера донесе соработката со режисерот Вуди Ален, кој ѝ ја понуди главната улога во филмот „Ени Хол“, проект што ѝ донесе „Оскар“ за најдобра женска улога и ја претвори во симбол на американската независна жена од 1970-те.
Иако многумина веруваа дека филмот ја отсликува нивната врска, Китон изјави во интервју за „Њујорк тајмс“ дека „не е вистина, но има елементи на вистина“.
Љубов, пријателство и скандали
Китон и Ален имаа кратка романса во 1960-те, но останаа блиски пријатели цели шест децении. Дури и по обвинувањата против Ален за сексуално злоставување на неговата посвоена ќерка, актерката јавно го поддржа, изјавувајќи дека „верува во неговата невиност“. Оваа позиција предизвика бројни реакции и критики во јавноста.
Во приватниот живот Китон никогаш не се омажи, иако имала врски со славни актери како Ал Пачино и Ворен Бити. Таа изјавуваше дека не е подготвена за компромисите кои ги бара бракот. Наместо тоа, се посвети на својата кариера и на посвоените деца – ќерката Декстер и синот Дјук, кои ги одгледуваше сама.
Уметница со повеќе лица
Покрај актерството, Дајан Китон беше режисерка, продуцентка, писателка и фотографка. Нејзините мемоари Then Again (2012) станаа бестселер во САД.
Модните магазини пак, ја славеа нејзината уникатна елеганција, беше препознатлива по белите кошули, по шапките и костумите со машки крој кои останаа нејзин заштитен знак.