Почина како православен христијанин, по крштевањето го доби името Пантелејмон – еве зошто холивудската ѕвезда стана православен
Најголемата сила ја нашол во православната христијанска вероисповед, а сериозно бил посветен на молитвата и смирението.

Вчера филмскиот свет го затекна веста дека почина познатиот актер Кери-Хиројуки Тагава, ѕвезда на „Мортал Комбат“ и „Мемоарите на една гејша“. Тој почина на 75-годишна возраст во Санта Барбара, по компликации од мозочен удар.
Но, малкумина знаат дека холивудскиот глумец, инаку Јапонец, преминал во православна вероисповед.
Advertisement
Роден е во Токио на 27 септември 1950 година, но поради работата на неговиот татко во американската војска, семејството се преселило во Северна Каролина кога Кери имал само пет години. Детството го поминал на југот на САД, а дел од животот живеел и во Луизијана и Тексас, пред конечно да се преселат во Калифорнија. Токму таму, во средното училиште Дуарте, ја открил својата љубов кон актерството.
„Да се биде Јапонец и да се живее на американскиот југ во педесеттите години беше навистина тешко“, изјавил во интервју во 2010 година, пренесува „Deadline“, кој прв ја објави веста за неговата смрт.
Во Јапонија ги направил првите чекори во боречките вештини, а подоцна ги продолжил тренинзите и додека студирал на Универзитетот во Јужна Калифорнија. Таму се усовршил под менторството на прочуениот мајстор Накајама од Јапонската карате-асоцијација. По враќањето во Лос Анџелес, почнал да го предава сопствениот стил Чу шин и паралелно да гради актерска кариера.
Пресвртот се случил кога режисерот Бернардо Бертолучи го забележал додека предавал боречки вештини и му доделил улога во филмот „Последниот кинески цар“. Со 37 години го снимил својот прв голем филм, улогата на Чанг, во оскаровската продукција од 1987 година. „Беше неверојатно. Работите со еден од најдобрите режисери на светот, снимате во Кина… тоа беше како сон“, изјавил Тагава во 2015 година.
Премин кон православната вера
Во 2015 година, актерот ја примил православната вера во Русија, каде што бил крстен од митрополитот Иларион, викар на патријархот Кирил. На крштението кое се случило во Москва го доби името Пантелејмон.

„Се чувствувам возвишено и поблиску до Бога“, изјавил тогаш Тагава, а снимката од неговото крштение беше објавена од сценаристот Иван Охлобистин.
Тој намерно избрал православие како своја вера заради „длабочината и стабилноста“ што ја почувствувал во тој духовен пат, а истовремено ја прифатил и руската културна и граѓанска припадност. Добил и руско државјанство.
Имено, покрај јавната кариера, Тагава имал желба да биде „мост“ помеѓу Истокот и Западот преку својот духовен избор и јавни активности, стремел да ја спои својата азиска природа со христијанската вера, комуницирајќи јавни на теми за вера, духовност и мир.
Зошто Тагава ја избрал православната вера, ова се неговите мотиви
Според самиот Тагава, одлуката не била случајна, тој барал „длабочина“ во религијата, нешто повеќе од формалност и обичен ритуал. Како што објаснил, во Америка религијата му се чинела „површна“, а православието ја нудело таа духовна длабочина што ја чувствувал потребна.
Тагава рекол дека чувството за внатрешна сила и духовен мир што православието му го дало се совпаѓа со неговото јапонско воспитување и морал од боречките вештини („пат на самурајот“). Таа комбинација, според него, е она што му дозволувало да ја прифати верата со цело срце.
После крштението, Тагава глуми во руски филм каде игра јапонски православен свештеник што дополнително ја потврдило неговата јавна посветеност на православието.
Во интервјуа понекогаш велел дека не гледа спротивност помеѓу својата азиска култура, професионалниот пат и верата која ја прифатил, напротив: ја гледал како „мост“ што може да ги спои различните светови и луѓе.
Многумина денес го паметат како човек кој, покрај филмската слава, ги ценел духовните вредности, молитвата и смирението.
Во текот на кариерата долга повеќе од четири децении, Тагава оствари над 150 улоги во филмови, серии и видео-игри, а работеше со врвни режисери.
Последните години од животот ги поминал на островот Кауаи на Хаваи. Зад себе ја остави сопругата, Сали, нивните три деца – Кален, Бирн и Кана и две внучиња.




