Интервју
COVER STORY

Почетоците никогаш не се лесни, но токму тогаш се гради карактерот – бизнис приказни со Николета Синадинова, жена што ја претвори креативноста во професионален печат

Со страст за креативноста и храброст да остане верна на своите вредности, Николета Синадинова покажува дека женското лидерство во маркетингот има своја моќна формула.

Advertisement

Кога го започнавме серијалот „Бизнис приказни“, нашата визија беше да ги откриеме инспиративните жени кои со својот труд, креативност и визија го трансформираат бизнис пејзажот во Македонија. Во фокусот се нивната лична мотивација, професионалната истрајност, лидерството во индустрии кои бараат брзи одлуки и силен интегритет, како и балансирањето на деловниот успех со животните вредности.

Овојпат разговаравме со Николетa Синадинова, коосновачка на маркетинг агенцијата ИН Маркетинг, жена со јасна визија, силна енергија и исклучително чувство за креативна стратегија.

Advertisement

Таа и нејзиниот тим успешно креираат кампањи што оставаат траен печат, а нејзиниот пристап кон работата сведочи дека женското лидерство во маркетингот не е само можно, туку и неопходно. Николетa зборува отворено за предизвиците, за сопствените вредности, за животниот баланс, како и за патот што го изодела – од љубов кон комуникацијата до изграден бренд со препознатлив идентитет.

Во продолжение прочитајте го интервјуто со оваа посветена и инспиративна претприемачка, која преку својот пример покажува дека креативноста, стратегијата и човечноста се темелот на вистинскиот успех.

ПРАШАЊЕ: Вашата маркетинг агенција е препознатлива по професионалност, креативност и доследност, а Вие стоите на чело како жена претприемач. Како започна Вашата приказна со маркетингот, и што Ве мотивираше да ја изградите агенцијата?

Мојата приказна со маркетингот започна од искрена заинтересираност за моќта на комуникацијата и нејзината способност да влијае врз перцепциите, да поттикне емоции и да создаде врска меѓу брендот и публиката. Од самиот почеток ме привлекуваше начинот на кој една осмислена креативна или инспиративна порака, слика или визуал може да предизвика вистински ефект и да го обликува однесувањето на некој поединец.

Advertisement

Работев во повеќе сектори, но секогаш ме влечеше креативноста, не само креативни идеи, туку и реални решенија кои им носат резултати на брендовите. Заедно со мојата другарка Ивана, која ја делеше истата страст и визија, решивме да ја отвориме сопствената агенција – ИН маркетинг, место каде што креативноста се среќава со стратегија, и каде што секој клиент се третира со посебно внимание и посветеност.

Како жени претприемачи, предизвиците беа бројни, но токму тие нѐ научија на истрајност и фокус. Денес, горди сме што стоиме зад тим кој работи со страст, интегритет и вистински резултати.

фото-приватна архива

ПРАШАЊЕ: Маркетингот е динамична индустрија, кои беа трите најголеми предизвици што ги надминавте како жена лидер во овој сектор, и што научивте од нив?

Маркетингот навистина е динамична и постојано променлива индустрија, а како жена лидер, се соочив со неколку предизвици што оставија силен печат врз моето професионално растење.

Првиот предизвик беше да се избориме за сериозност и доверба во средина што сè уште често ги поврзува лидерските улоги со машки имиџ. За да се надмине тоа, мора да се вложи дополнителен труд, знаење и доследност – и тоа научив дека вистинскиот авторитет не се добива, туку се гради со време и интегритет.

Вториот предизвик беше балансирањето помеѓу креативноста и бизнис резултатите. Како жена, често се очекува да имаш „емоционален пристап“, но научив дека токму тој баланс меѓу интуиција и аналитика создава најголеми резултати.

Третиот предизвик беше да останеме верни на нашата визија, и покрај надворешни притисоци и краткорочни очекувања.

Заедно со Ивана, мојата коосновачка, научивме дека долгорочниот успех се гради кога не отстапуваш од своите вредности – транспарентност, почит и квалитет во сè што работиме.

фото-приватна архива

ПРАШАЊЕ: Често се зборува за балансот помеѓу приватното и професионалното. Како Вие ја менаџирате комплексната улога на успешна претприемачка, сопруга и мајка, и дали постои „тајна формула“?

Честопати се зборува за балансот меѓу приватното и професионалното, но искрено, јас не верувам дека постои „тајна формула“. Наместо тоа, секогаш сум се водела по јасно дефинирани приоритети. Знам што ми е важно во одреден момент и не се двоумам да кажам „не“ на нешто што би ме оддалечило од тие вредности – било да се работи за семејството, бизнисот или личниот мир.

Со текот на времето научив дека „баланс“ не значи сè да се прави совршено, туку да се живее во согласност со тоа што за тебе е вистински важно. Понекогаш кариерата ќе побара повеќе, понекогаш семејството – и тоа е во ред, сè додека изборите ги носиш свесно и со мир. Но секогаш моите близнаци се мојата најголема радост и вечен приоритет во животот.

Семејството и пријателите ми се најголема поддршка, а редовното вежбање ми помага да ја одржам енергијата и балансот во секојдневието.

ПРАШАЊЕ: Здравиот начин на живот и дисциплината што ја имате преку вежбањето се очигледни и во начинот на кој ја водите и компанијата. Дали верувате дека физичката сила и менталната издржливост одат заедно – и како тие Ви помагаат во донесување деловни одлуки?

Апсолутно верувам дека физичката сила и менталната издржливост се неразделна целина, која има огромно влијание врз сите аспекти од животот, вклучувајќи го и водењето на компанијата, како и секојдневно носење на одлуки.

Редовното вежбање не само што ја гради телесната издржливост, туку и ја јакне дисциплината, фокусот и способноста за справување со стресот. Вежбам со една прекрасна девојка Ангела Д Фит која е вистинска инспирација – ме мотивира, ме предизвикува и ми помага да бидам посилна секој ден.

Токму овие квалитети ми помагаат да останам смирена и одлучна кога треба да донесам деловна одлука, да го мотивирам тимот и да одржувам визија на долг рок. За мене, здравиот начин на живот е темел на успешен и одржлив лидерски пристап.

фото-приватна архива
фото-приватна архива

ПРАШАЊЕ: Што мислите, дали жените носат различна енергија и визија во маркетингот, и каде е најголемата сила на женското лидерство во креативната индустрија?

Да, верувам дека жените носат посебна енергија, интуиција и емпатија кои се особено вредни во маркетингот, кој бара постојано да се разбираат луѓето, емоциите и културниот контекст. Жените често имаат способност да гледаат поширока слика, но и да внимаваат на детали – и токму таа комбинација создава кампањи што допираат, а не само продаваат.

Најголемата сила на женското лидерство, според мене, е чувствителноста и одлучноста. Во креативната индустрија тоа значи храброст да се преземе ризик, но и доволно свесност за да се создаде нешто што има длабочина, смисла и вистинска вредност. Жените не се водат со егото, туку со вредности – и токму тоа ја менува динамиката во тимовите, односите и резултатите.

ПРАШАЊЕ: Што би ѝ препорачале на млада жена која денес сака да започне свој бизнис во креативната или дигиталната индустрија? Кои три принципи би требало да ѝ бидат водилка?

Почетоците никогаш не се лесни, но токму во тие моменти се гради најсилниот карактер. Предизвикот може да биде најголема мотивација.

Три принципи што сметам дека се клучни:

1. Истрајност над перфекција – не мораш да знаеш сè однапред. Почни, адаптирај се и учи во движење.

2. Вистински вредности пред брзи резултати – остани верна на својата визија, дури и кога патот е подолг. Луѓето препознаваат автентичност и оригиналност. Остани своја.

3. Околина што инспирира, не што те исцрпува – избери да соработуваш со луѓе што те охрабруваат, а не кои се сомневаат во тебе. Енергијата што те опкружува ќе влијае врз сè што создаваш.

И што и да се случува – потсети се зошто почна. Тоа секогаш ќе биде твојата најсилна мотивација.

ПРАШАЊЕ: Што ве релаксира, што Ве полни со енергија и ви носи внатрешен мир?

Најмногу ме релаксираат едноставните моменти со моите деца и семејството, нивната чиста енергија и радост ми носат најголем внатрешен мир. Сопругот ми е тивка сила зад сцената – поддршка, разум и човекот со кого го делам и најголемиот хаос, и најубавите моменти. Патувањата ми се извор на инспирација – секое ново место ми отвора нова перспектива.

фото-приватна архива

Пријателите ми се стабилна поддршка, а нивното присуство ми дава чувство на припадност и доверба што ми значи повеќе од сè. Планинарењето, мавровскиот воздух и природата ме заземјуваат, додека вежбањето ми ја враќа силата и фокусот, а книгите се мој начин да се повлечам и да се полнам однатре.

Слушање на поткасти ми е ритуал кој често ме инспирира и ме учи на нови работи кои ги применувам во секојдневието без разлика дали е за работа или личен развој…

Сите овие нешта се дел од мојот личен баланс – начин да останам присутна, енергија што ја носам и во работата и во секојдневието.

фото-приватна архива

ПРАШАЊЕ: Имате ли некоја мисла, мото или цитат што Ви е при срце и често го повторувате?

Цитатот на Одри Хепберн ми дава вечна верба дека – „Nothing is impossible. The word itself says ‘I’m possible'”.

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .
Advertisement

Поврзано

New Ad
Back to top button