По 13 години, Скопје добива нов православен храм – камбаните ќе одекнат погласно од било кога!

По цели 13 години изградба, завршен е православниот храм „Свети цар Константин и царица Елена“, лоциран во центарот на Скопје. Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) најави дека свеченото осветување на храмот ќе се одржи в недела, со почеток во 8:30 часот.
Свечениот чин ќе го предводи Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, во сослужение со повеќе архијереи од МПЦ. Од Скопската епархија информираат дека на осветувањето се поканети државниот врв, дипломатскиот кор, претставници на локалната самоуправа, бизнис-секторот, медиумите, како и сите верници кои сакаат да бидат дел од овој значаен духовен настан.
Црквата е лоцирана на улицата „Македонија“, во срцето на главниот град. Изградбата започна во 2012 година, со присуство на тогашниот премиер Никола Груевски. Средствата беа обезбедувани преку донаторски конференции, а инвеститори се МПЦ-ОА и Фондацијата „Свети цар Константин“, формирана специјално за оваа цел. Во изградбата финансиски се вклучија политичари, бизнисмени, духовни лица и верници, но проектот се соочи со бројни финансиски потешкотии, поради што траеше речиси една и пол деценија.
Во изминатите неколку години, МПЦ упати повик до општествено одговорните граѓани да помогнат во довршувањето на храмот. Меѓу оние кои се одзваа беше и бизнисменот Кочо Анѓушев, кој со лична донација и преку своите компании веќе втора година го финансира осликувањето на фрескоживописот во внатрешноста на храмот.
Проектот за изградба на црквата потекнува од епископот антаниски Партениј, кој ја оживеал идејата за обновување на истоимената црква срушена во катастрофалниот земјотрес од 1963 година. Предлогот преку духовни канали стигнал до тогашниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиевски, кој ја поддржал иницијативата и ја пренел до премиерот Груевски. Владата го прифатила проектот со амбиција да се изгради еден од најубавите православни храмови на Балканот.
Автори на архитектонското решение се Искра Лековска и Владимир Лековски од студиото „ЛЕЛЕЛЕЛЕ“, кои победија на меѓународен конкурс распишан од Министерството за култура во 2008 година. Проектирањето траеше две години, а изградбата ја изведуваше компанијата „Бетон“.
Процесот не помина без контроверзии. Во 2013 година, пред Општина Центар се одржаа насилни протести, организирани од непозната организација, поради наводна најава за уривање на објектот од страна на тогашниот градоначалник Андреј Жерновски. Протестите завршија со судски процес, во кој по неколку години судење, Никола Груевски доби затворска казна од една и пол година како организатор на насилствата.
Финансиските обврски кои останаа недоисплатени ги презеде приватната болница „Ремедика“, која го покри долгот од околу 3,5 милиони евра на МПЦ и Фондацијата „Свети цар Константин“.
Со осветувањето на храмот, Скопје добива нов духовен и културен симбол во срцето на градот, кој го обединува наследството, вербата и современото архитектонско изразување.