Реклама
Блог

Писмо на една Албанка од Македонија што треба секој да го прочита

Реклама

Се викам Зехра, ќерка на Ферид и на Зелиха, Албанка по националност, горда на моето потекло. Јас сум од оние деца што знаат што е соживот, така растев јас, моето детство да можам би го дала на секого да го искуси.

Со овие зборови го започнува своето писмо младата Зехра Заири, Албанка, родена во Македонија и која денес живее во Скопје, во населбата Аеродром.

Нејзините пријатели, Македонци и Албанци, го споделија тој статус, кој беше напишан пред две години и кој и ден-денешен е пример за заедништвото во Македонија, во кое треба секој да се вложи себеси, без оглед на националноста и својата вероисповед. Еве што пишува Зехра:

Маркетинг

Дедо ми беше комунист, а нели мотото на комунизмот било братство единство, па така и ме научија, а и така живеевме во моето соседство на улица „Џон Кенеди“. Мајка ми живеела во Маџир Маало (за тие што не знаат се наоѓа кај новата железничка станица), татко ми, пак, растел во Пајко Маало (сега таму е Македонската опера и балет).

Татко ми беше ракометар во времето на Југославија, се дружеше со Срби, Македонци, Роми, Турци. Најдобрите другари му беа чичко Драган, на кого му бил кум на свадба, чичко Марко и чичко Кики. Јас растев со нивните деца, батко Нино, Ѓоко, Филип, Ана, Маја и со малиот нејзин брат . Заедно славевме родендени, нивни слави, наши бајрами. Убаво ни беше.

Маркетинг

 

Кога почина татко ми, утрото сите негови другари ги видов со раскрвавени очи и ден денес знам дека плачат по него. На нив не им беше битно дали е Албанец, тагуваа зашто го изгубија другарот, зашто Зехра и Дритон останаа без татко.

Јас, како што кажав, живеев во Чаир на улица „Џон Кенеди“. И ден денес ги памтам детските игри со моите другарки, и ден денес ги памтам летата пред зграда со сите соседи излезени надвор, оти дома ни беше топло, па пред зграда имавме сенка. Зградата имаше три влеза, уште памтам сè, кој каде живееше, Албанци, Македонци, Cрби, Tурци, Црногорци, Роми, сите се почитувавме, око вадевме еден за друг. Баба Љубица доаѓаше на турски чај заедно со Мибера, седеа со дедо ми и баба ми, на муабет до ниедно време. Чичко Ќани беше поранешен полицаец, па му се плашевме, седевме мирни. Чичко Драган беше многу висок и сите го сакавме. Дедо Апе имаше гулабарник и обожававме да го гледаме додека ги хранеше гулабите, баба Цука си ја сакав како моја баба, внука ѝ Ана ми беше најдобра другарка.

 

Многу генерации во истата зграда, мојата беше, чинам, последната растена во мир и во спокој. Мои другарки кои и ден денес ги сакам исто како тогаш беа Ана, Севим, Тамара, Ивана, Ајнур, Сања, Бубе, Боже убави времиња беа тоа. Ластик пред зграда, караници кој знае најдобро да игра, игравме џамија, народна…

Пред ординацијата на тетка Зоре си ги кажувавме првите симпатии, муабети за момчиња, а и ги гледавме машките како играат кошарка. Знам дека моите другарки, како и јас, сè уште се исти, знам дека и тие сакаат соживот, знам дека си ги учат децата дека сите се исти. Toa е моето детство, имам многу за пишување, убави спомени, но драги мои, јас имав таква среќа и никогаш нема никој да ме натера да мразам, оти децата на Илина ми се најмили, оти Кате ми е драга, оти Александар и Николче ми се браќа, оти Севстија ја сакам. Оти јас немав суров живот, мене никој не ме викаше „Шиптарко“.

 

Но јас познавам Македонци што не виделе Албанци со очи во живо, Албанците ги виделе на вести, јас познавам Албанци намачени, омаловажувани од Македонци, кои така биле воспитани, да ги мразат Албанците, да ги газат, и ден денес постојат такви и сведоци сме за тоа. Но дедо ми викаше, „Во секое сончогледово цвеќе има расипан сончоглед, но и добар“.

Така е и со луѓето. Има добри Македонци, добри Албанци, а и лоши Македонци и лоши Албанци.

Живееме во 21 век, сите сме исти, луѓе создадени од Бога, в реме е да се соединиме и да покажеме дека можеме и умееме да создадеме повторно единство.

 

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button