Во Струмичко, областа позната по богатите, сочни пиперки и домати, и по сончевите полиња, семејствата со генерации ја чуваат традицијата на подготовка на зимница.
Еден од најпознатите рецепти што се пренесува од баба на внука е пинџурот, а нам ни го откри 80-годишната баба Деса. Станува збор за комбинација од црвени пиперки, домати, лук и магдонос, но има толку изразен, интензивен вкус и богата арома.
За разлика од класичниот ајвар, овој пинџур има поинтензивна свежина и природна слаткост, благодарение на доматите и магдоносот, но секако и на внимателното пржење што придонесува да се потенцира секоја ароматична нота.
Состојки:
8 кг црвени меснати пиперки
4 кг домати
400 мл масло
400 мл оцет
5 лажици шеќер
2 главици лук
2 врзувки магдонос
Сол по вкус
(по желба, неколку лути пиперки за љубители на лутко и позачинето)

Подготовка:
Испечете ги пиперките, излупете ги и исчистете ги од семките, па оставете ги преку ноќ да се исцедат. Следниот ден исечете ги на резанки.
Доматите прелијте ги со врела вода, излупете ги и исечкајте ги на коцки.
Во голем лонец ставете го шеќерот и гответе додека не се преполови, потоа додадете ги пиперките, маслото, лукот, магдоносот и сол по вкус. Пржете до посакуваната густина.
На крај, додајте оцет и кратко проварете.

Топлиот пинџур се става во топли стерилизирани тегли, па се пече во веќе топла, но исклучена рерна до утрото. Следниот ден преку пинџурот се става парче целофан натопено во есенција, па се затвора со метален капак или се врзува со целофан.

Совет за чување:
Пинџурот најдобро се чува на темно и ладно место. Ако е правилно стерилизиран, ќе трае цела зима без да се расипе, а секоја тегла ќе ја чува богатата арома на струмичкото сонце и вкусот на домашната традиција.
