Елена Андоновска е веќе 6 години активна на фолк сцената. Скромна со стилот на облекување а со нејзиниот славејски глас ја милува душата кога ќе запее. Ја негува традиционалната македонска песна која вели е нејзиното секојдневие и музички правец.
Со Елена поразговаравме на најразлични теми од професионалниот, но и од приватниот живот, а што сé ни откри оваа извонредна дама, прочитајте од интервјуто во продолжение…
Приватна архива
Веќе 6 години сте активни на македонската фолк сцена, ја негувате традиционална македонска народна песна на еден специфичен начин. Со обработките на македонските народни песни ги освои симпатиите на публиката, Како започна Вашата музичка приказна и кој беше вашиот прв настап?
Мојот прв сценски настап беше на 8 години. Таа желба да бидам на сцената трае се до денес со поголем жар, љубов и од денешен аспект големо искуство. Мојата солистичка кариера започна во 2018 кога го издадов првиот солистички албум со наслов „Кој што ме чуе да пеам“. Понатаму во 2021 година го промовирав вториот албум „ Запеало славеј пиле“ и веќе е во најава трет албум повторно со обработки на македонски народни песни.
Познати сте потоа како што напоменав со интерпретација на народните песни, зошто токму овој стил?
Македонската народна песна е дел од моето секојдневие и музички правец во кој самата најмногу се пронаоѓам. Преферирам да интерпретирам народни песни, но и авторските песни често се дел од мојот репертоар.
Од каде талентот за музика?
Талентот за пеење е од мојата мајка. Иако таа не се занимава со музика, секогаш е тука за да ми упати искрена критика и совет. Сепак за да се постигне успех во светот на музиката покрај талентот потребна е голема посветеност и напорна работа.
Приватна архива
Вие сте една од најубавите македонски пеачки кај нас, која се издвојува како по убавината така и по својот изглед во поглед на облеката, секогаш сте пристојно и скромно облечени, на што се должи ова?
Стилот на облека кој го практикувам на сцена е стилот и начинот на кој живеам и се однесувам во приватниот живот.
Приватна архива
Позитивно сум изненадена од реакциите на публиката и често добивам комплименти за скромниот изглед. Среќна сум што успевам да го привлечам вниманието кај јавноста со мојот избор на гардероба иако практикувам да изгледам пристојно и урбано.
Вработена сте и во ансамблот „Танец“ веќе 18 години. Какво е искуството да се биде дел од еден ваков ансамбл, што точно работите таму?
Во „Танец“ сум вработена како пејачка во вокалната група. Настапувам како дел од хорот и како солист. Осумнаесет години е полнолетство во една институција, па веќе и публиката често пати ме препознава како Елена од „Танец“. „Танец“ е мојот втор дом каде што практично раснев и се развивав како сценски уметник.
Приватна архива
И Вашиот сопруг Марјан исто така е музичар. И тој е дел од ансамблот „Танец“. Како се запознавте и со што Ве освои и дали е добро за еден брак кога и двајцата се од иста бранша?
Со Марјан сме колеги на работа, пријатели во секојдневието, другари од средно и факултет. Се познаваме повеќе од дваесет години, и можам само да кажам дека нема поголема привилегија во животот да се соработува со некој кој ти е сродна душа, а при тоа изобилува пред се со човечки квалитети а за квалитетите на професионален план зборуваат делата.
Приватна архива
Во моментов работите на нов албум ајде да ни кажете нешто повеќе за тоа, со кого го работите колку композиции ќе има и кога очекувате да излезе?
Новиот албум ќе биде насловен „ Никнало цвеќе шарено“ според една од песните која е дел од самиот албум.
Снимени се вкупно десет народни песни кои добија свој аранжман и музички печат по кој сум препознатлива. Албумот се снимаше во „Студио подрумот“ а како музички продуцент е ангажиран Ангел Ќосев. Музичките аранжмани ги изработија Благојче Трајковски, Златко Миладиноски и Ангел Ќосев. Сите песни се снимени со оркестар во живо со вкупно осумнаесет музичари. Извршен продуцент на албумот е Марјан Андоновски кој како и во претходните албуми ја вложи целата креативна идеа во сите развојни фази кон реализација на проектот. Албумот ќе биде промовиран до крајот на оваа година.
Приватна архива
Мајка сте на три сина, каква мајка е Елена и како ги воспитувате Вашите деца, има ли можеби некој од нив кој ќе Ве наследи во однос на музиката, како успевате да стигнете се во текот на денот?
Мајка сум на три машки деца и секогаш се трудам да бидам добар пример за нив. Во однос на родителството, воспитувањето и сите потребни организации околу децата обврските ги делиме заедно со Марјан. Се се сведува на добар план и организација на денот, а тука се и нашите мајки кои ни се од огромна помош.
Како Елена се грижи за својата убавина, имате ли некој дневен ритуал, и какво е вашето мислење за естетските корекции?
Се грижам за мојот изглед иако не го истакнувам тоа во моите објави. Имам соработници кои долги години ми помагаат да го одржам мојот изглед и покрај раѓањето на три деца и активното секојдневие. Имам дневни ритуали за нега на моето лице, коса и во делот на исхраната, верувам како и секоја жена. Што се однесува на естетските корекции според мене во ред е ако треба да се надополни некој недостаток и ако тоа личноста ја прави среќна и посамоуверена. Јас не практикувам иако често пати ме прашуваат дали имам направено некаков зафат. За среќа се на мене е во целост природно. Не чувствувам потреба од естетски корекции, задоволна сум од сопствениот изглед, а и мојот сопруг исто така, што искрено мене ми е најважно.
Приватна архива
Што Ви е најголема слабост кога одите во шопинг. Што најмногу купувате?
Сакам да купувам гардероба, обожавам шопинзи иако во реалноста имам малку време за тоа. Слабост ми се фустаните, очигледно е бидејќи секогаш се дел од мојот аут фит.
Дали она што го сонуваше како мала денес е твој сон?
Како мала сонував за повеќе нешта меѓу кои беше и мојата сегашна професија – ако зборуваме за одговорот на прашањето:
Што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш?
Не само што ми се оствари сонот во делот на професијата, јас слободно можам да кажам дека сум комплетно реализирана личност како сопруга, мајка, а имам и уште многу неостварени соништа кои планирам во иднина да ги реализирам заедно со семејството.
Што ја прави Елена среќна?
Најсреќна сум кога поминувам време со семејството. Децата се извор на среќа и позитивна енергија. Уживам да гледам како раснат и заедно со Марјан да сведочиме за сите фази во развојот низ кои поминуваат. Секојдневието ми е возбудливо, исполнето со секакви емотивни состојби, решавање на ситуации, детски проблеми, и сето тоа ме прави среќна. Сцената пак како мое омилено место каде што сакам да творам исто така е важен фактор за предизвикување на среќа.
Приватна архива
Колку сте вешти во кујна и дали може за гламур да ни споделите некој интересен рецепт?
Готвењето ми е секојдневие, и на тој начин сакам да придонесам за квалитетно здравје на семејството.
Рецепт: Набавете ги потребните состојки за омилениот оброк, гответе со многу љубов и послужете го на вашите најмили.
Што би била Вашата порака за оние кои го почнуваат сега патот во народната музика?
Македонската народна музика е специфична и сама по себе содржи моменти од историјата на македонскиот народ. Кој и да започне да се занимава со овој тип на музика мора да ја сака својата земја, да ја почитува историјата, народот и да се соживее со секоја порака која ја пренесува песната. Значи не е во прашање само талентот, емоцијата е неизбежен фактор за да се успее во овој музички жанр.