Перо Камиказа ја трогна јавноста – Драган Б. Костиќ ја води најголемата животна битка!

Гитаристот на легендарниот бенд „Меморија“, Петар Георгиевски – Перо Камиказа, ја потресе јавноста со својата последна објава на Фејсбук, откривајќи дека познатиот радио-водител и автор на емисијата „Диско селектор“, Драган Б. Костиќ, се соочува со сериозна животна битка.
Во објавата, Перо напиша дека неговиот долгогодишен пријател и медиумска легенда се чувствува подобро и дека му помага силната волја за живот.
„Драган Б. Костиќ овие неколку месеци ја бие животната битка, да се биде или не. Сполај му на Бога, но и волјата за живот – овие денови се слушаме и сè подобро звучи. Мислата му е бистра, и на секое прашање одговара концизно и точно…“
Георгиевски додаде дека растел покрај таков великан и дека радоста е неизмерна што повторно го слуша неговиот ведар дух.
„Имаме уште многу што да направиме и раскажеме заедно. Маестро, ти посакувам што побрзо целосно закрепнување и повторно беседење за сè и сешто. Сполај ти, Боже, што ни ги чуваш легендите.“
Во продолжение на објавата, гитаристот сподели и порака што Костиќ му ја испратил токму на 4 ноември, но во 2018 година. Во неа, популарниот водител пишувал за пензијата како нов почеток, за вредноста на семејството и за тоа дека човек не се памети по бројот на годините, туку по она што ќе го остави зад себе:
„Не се памети човек по бројот на годините, туку што оставил во нив. А си оставил. Ама можеш уште многу. Затоа шишкајќи напред – туркај.“



