„Пензионерски џекпот: Германците ќе земаат и до 2.000 евра месечно по пензија!

Германците кои ќе продолжат да работат по заминување во пензија ќе можат да заработуваат до 2.000 евра месечно покрај нивната пензија, според нова шема која има за цел да ги зголеми економскиот раст и стапката на учество на работната сила.
Шемата за активна пензија, која ќе стапи во сила во јануари 2026, беше едно од предизборните ветувања на канцеларот Фридрих Мерц.
Владата се надева дека овој план ќе ги поттикне граѓаните да работат и по пензионирањето.
Мерц ја опиша мерката како преземање иницијатива по три години економска стагнација влошена од недостаток на квалификувана работна сила, што е последица на хронична демографска криза. Околу 9% од работната сила или 4,8 милиони луѓе треба да се пензионираат во следната деценија.
Активната пензија ќе се однесува на сите кои ја достигнале законската возраст за пензионирање од 67 години и сакаат да продолжат да работат на работно место кое подлежи на социјално осигурување.
Сепак, државните службеници, занаетчиите, самовработените и вработените во земјоделската и шумарската индустрија се исклучени од шемата, што беше критикувано од Германскиот економски институт.
Активна пензија е дел од радикалните структурни реформи во најголемата економија во Европа. Според нацрт-законот, се очекува даночната стимулација да помогне да се задржат искуството и знаењето во компаниите подолго време, да ја зголеми стапката на вработеност и да придонесе за економски раст и повисоки владини приходи.