Пејачката која беше блиска со Панчо сподели тажни фотографии – и болат и печат овие спомени
Ана Костадиновска која со гитаристот Горан Тонев се единствените од бендот ДНК што ја преживееја несреќата што се случи во ноќниот-клуб „Пулс“ во Кочани, сподели фотографија со која ги растажи сите...

И болат и печат овие убави спомени…
По смртта на Владимир Блажев-Панчо кој во петокот беше погребан во Скопје многу наши јавни личности се уште споделуваат спомени со него, но и со сите останати членови на бендот ДНК.
Една од нив е и Ана Костадиновска која беше на сцената со нив кога се случи несреќата, но која успеа да се спаси.
Фејсбук/ Ана Костадиновска
Таа сега сподели една фотографија на социјалните мрежи на која е гушната со Панчо и нејзината пријателка Сара Пројковска, која исто така беше придружен вокал во ДНК. Но Сара, со која Ана беше мошне блиска, за жал, настрада во страшната несреќа.
Непребол…
Потсетуваме, Владимир Блажев Панчо по седум месеци борба им подлегна на повредите што ги здоби во пожарот во Кочани.
Фејсбук/ Ана Костадиновска
Несреќата се случи на 16 март во ноќниот клуб „Пулс“, кога се запали покривот и однесе 63 млади и невини животи.
Страшната несреќа го завеа градот Кочани во црно, но и цела Македонија се уште е во тага од она што се случи.
Фејсбук/ Ана Костадиновска
Владимир Блажев-Панчо, Ана Костадиновска и гитаристот Горан Тонев беа единствените од ДНК кои го преживеа пожарот.
И токму кога многумина мислеа дека Панчо ќе успее да се извлече, страшната вест за неговата смрт ги потресе сите.
Фејсбук
Не толку одамна…
Пејачката Ана беше многу блиска со него, но и со сите останати од бендот чии животи таа кобна вечер згаснаа во пожарот.
Таа сега сподели и едно тажно видео со кое се потсети на својата пријателка Сара Пројковска, а на кое е и Елена Ристеска.
„Еднаш, не толку одамна. Болиш, Сара наша“, напиша Ана под објавата на оваа тажна снимка што ја сподели.
Принтскрин/ Јутуб, ДНК – Ако утре ме нема
Последните месеци на Панчо
Инаку, Владимир Блажев Панчо почина во една приватна клиника во Скопје каде се лекуваше последните седум месеци.
Неколку дена откако беше примен во болницата, се огласи стручниот лекарски конзилиум од болницата и соопштија дека Панчо е во стабилна состојба и дека во тој момент не е во животна опасност.
Пациентот Владимир Блажев од денот на приемот до денес се наоѓа во едницата за интензивно лекување. На овој оддел се применува највисоко ниво на медицинска грижа. По спроведување на интензивното лекување, она што можеме да кажеме е дека пациентот е стабилен и дека во моментов е надвор од животозагрозувачка состојба. Неговото лекување продолжува во единицата за интензивна нега, во третманот е вклучен мултидисциплинарен тим лекари со цел да овозможат најдобра медицинска грижа“, споделија тогаш од приватната болница и нагласија дека информацијата за здравствената состојба на Панчо е дадена од страна на лекарскиот тим кој е одговорен за неговиот третман и е единствена официјална информација потврдена од болницата.
Принтскрин/ Јутуб, ДНК – Животе брате
Но 213 денови подоцна, Панчо не ја издржа оваа тешка битка и им подлегна на повредите што ги доби во пожарот.
И покрај надчовечките напори на докторите, но и на целата болница кои задно со него се бореа, срцето на музичарот не издржа.
„Почивај во мир, драг наш Панчо… Се боревме заедно 213 денови и денес ни одлета… Нема зборови за утеха за твоите два ангела Марјан и Андреја и за твојата Маја… Нема зборови што можат да ги запрат солзите на нашите доктори, сестри, болничари кои беа 24 часа со тебе … Целата болница, заедно со тебе и твоето семејство се боревме и верувавме“, се огласија со трогателно соопштение од болницата и по смртта на Панчо, изразувајќи сочувство до семејството и неговите најблиски.