За нас нашите модни блогерки се вистинските патриотки.
The Patriots
Тие можеби не живеат во Париз или во која било друга светски позната модна метропола, но за нив Скопје, или кој било друг град во Македонија, може да биде место како Париз. Во нивно друштво ќе се чувствувате дури и поубаво отколку во градот на светлината. Да, тие се нашата светла точка во овој темен, сив вилает, девојки кои со своите фотоапарати создаваат прекрасни фотографии, овековечуваат моменти кои сите уживаме да ги гледаме на нивните блогови. И да, ова ни се едни од најубавите моменти поминати пред компјутерот или мобилниот. Навечер пак, тие си играат со своите магични стапчиња создавајќи мали, неодоливи ремек дела на нивните насмеани лица (шминкањето, впрочем како и облекувањето, едноставно им е во крвта).
И со својот оригинален стил го красат градот каде и да се појават. Без разлика дали ќе ги сретнете на Широк сокак во Битола или во некое кафуле, или пак на некој настан во Скопје, Куманово, Тетово… А зарем тоа не го прават и Французинките? И Италијанките, Норвежанките, или девојките од Токио, Њујорк, Милано?
Да, сите тие се патриотки, секоја на свој начин, и тука не мислиме само на оној типичен француски шмек на кој никој не може да му одолее, а кој ќе го сретнете во изобилство и кај нашите ИТ девојки, секако! Вера и Искра, како и многу други модни блогерки, се патриотки и затоа што постојано, на своите платформи, или на социјалните мрежи (на Вера Инстаграм-профилот види го тука, на Искра – тука), споделуваат фотографии на кои носат парчиња и од македонските дизајнери. Или од места во Македонија, кои доловени низ нивните фото објективи изгледаат волшебно. И истите ги претстават во најдобро светло. А зарем тоа не го прават и Французинките? Оооо, да! И Шпанките и Швеѓанките, Англичанките, Американките, Италијанките, Русинките – сите тие се патриотки, но ние секако најмногу си ги сакаме нашите.
И токму затоа и во иднина ќе правиме едиторијали токму со нив. Овој пат со Вера и Искра, следниот – со некои други наши девојки. Да не речете дека го поддржуваме само францускиот патриотизам, или пак шмекот на шпанските брендови. Без разлика дали тие на нивните глави носат беретки, или пак парчиња со потписот на нашите дизајнери, битно е дека тие се наши, Македонки, и затоа си ги сакаме најмнооогу!
Па, доколку сте блогерка, а притоа сте и „патриотка“, слободно контактирајте не! Тука сме за да направиме нешто заедничко, нешто што ќе биде различно, а истовремено убаво и оригинално. Слободно испратете ни ваши предлози и идеи (види тука). Тимот на Гламур.мк е секогаш расположен за соработка.
Вера (десно): Капут – Mango, Кошула, чизми и фармерки – Pull and Bear, Корсет – selfmade, блуза – Zara, обетка – Avel
Искра: Фармерки – Levi’s, бунда – H&M, Чизми – Mango