Вистинско богатство е кога некој ќе реши да ги сочува старинските, оригинални рецепти. Токму тоа го направи Зорка Јанчева, вредна домаќинка од Тиквешијата, која ни носи рецепт како ја подготвува својата легендарна пача.

Нејзината варијанта е богата, шарена и миризлива, со онаа типична домашна топлина што смирува душа уште додека пачата врие на шпоретот. Ретко кој денес толку вешто ја комбинира рецептурата на старите со мали сопствени трикови, а Зорка токму тоа го прави.
Рецептот на Зорка Јанчева – пача што се топи в уста

За оваа пача таа користи само неколку состојки, но клучот е во внимателното одбирање и бавното варење. Така се добива густа, чиста и ароматична течност што природно станува желе.
Потребни состојки:
една главица кромид
еден морков
две лажици сол
магдонос
лукче
две парчиња коленици (од кои внимателно се вади само чистото месо по варењето)

Колениците се варат заедно со морковот и кромидот додека месото не почне да се распаѓа. Откако ќе се сварат, Зорка го дроби месото на ситни парчиња, заедно со меките парчиња варен морков.
Во смесата додава ситно сечкан магдонос и неколку (таа користи три) чешниња бело лукче. Сето тоа го полева со бистрата зовриена вода во која се вареле колениците.
Кој сака, вели Зорка, може да додаде и малку желатин, таа понекогаш го прави тоа, но најчесто прирoдната желатинозна моќ од колениците е сосема доволна.
Потоа смесата се истура во тава или во подлабок сад, се остава да се олади и потоа се префрла во фрижидер за да ја добие својата позната форма.


Домашна традиција што вреди да се зачува
Овој едноставен, а толку неодолив рецепт ја потсетува цела Македонија што значи вистинско домашно готвење. Не е само јадење, оваа пача на Зорка е и дел од идентитетот, од семејната трпеза и од зимските вечери кога куќата мириса на љубов и трпение.


Совршенство!




