Ако се обидувате да ослабете, можеби правите една голема грешка, а да не сте ни свесни за тоа — пиете калории.
Професорот Френклин Џозеф, експерт за исхрана и слабеење, тврди дека првото нешто што им го советува на пациентите е да ги исфрлат течните калории. За разлика од рестриктивните диети кои ги исклучуваат јаглехидратите или чоколадото, овој совет е едноставен, но исклучително ефикасен.
„Ако сте сериозни во намерата да ослабете, првото од што треба да се откажете се течните калории. Тоа ги вклучува газираните сокови, овошните сокови, кафе со млеко, па дури и тие ‘здрави’ смути пијалаци. Тие се полни со шеќер и калории, а не ви даваат чувство на ситост“, објаснува професорот Џозеф.
Многу луѓе, според него, не се ни свесни колку калории внесуваат преку омилените пијалаци, а токму тие мали измени можат значајно да влијаат на резултатите.

Калории во чаша
„Можете да испиете карамел кафе, чаша цеден сок и смути пред пладне и веќе да внесете околу 600 калории, а сѐ уште не сте ни ручале. И ќе останете гладни, затоа што телото не ги регистрира течните калории како храна“, предупредува професорот, и додава дека и пиењето кафе пред појадок може да го успори процесот на слабеење.
Иако чајот и кафето делуваат безопасно, кога се пијат неколкупати дневно со млеко и шеќер, калориите лесно се наталожуваат.
„Две лажички шеќер и доза млеко во секоја шолја можеби не изгледаат страшно, но ако пиете пет или шест кафиња дневно, тоа веќе е сериозна количина“, додава тој.
Замени што прават разлика
Како едноставно решение, советува да преминете на црно кафе или билни чаеви. Повремено пиење слатки пијалаци не е проблем, но треба да се намали внесот на калорични пијалаци како купечките смутија, протеинските шејкови и кокосовата вода.
„Тие изгледаат здраво, но често содржат многу шеќер и калории. Ако пиете калории, не си правите услуга. Храната треба да се јаде, а не да се пие — тоа е наједноставната промена со најголем ефект“, порачува професорот.
За крај, нагласува дека не е потребно целосно да се смени начинот на исхрана преку ноќ.

„Повеќето луѓе не сакаат драстични промени, и тоа е сосема во ред. Почнете со тоа што ќе ги исфрлите течните калории и ќе ги видите резултатите“, заклучува тој.