Овој град викендов ќе биде модниот епицентар на Македонија – не доаѓаш само да гледаш, доаѓаш да бидеш виден

Штип овој викенд ќе се претвори во модна престолнина, каде што домашната текстилна индустрија, модниот дизајн и креативната енергија ќе се претстават во најсветло издание. Независно од тоа од каде доаѓате, присуството на „Shtip Fashion Days 2025“ е повик што не треба да се пропушти.
На 10 и 11 октомври ќе се одржи второто издание на модната манифестација „Shtip Fashion Days“, на која ќе учествуваат десетина поголеми текстилни компании од Штип, како и исто толку помали конфекции и модни куќи. Настанот претставува платформа за промоција на најновите колекции и креации кои го истакнуваат модниот идентитет на градот.
Во рамките на настанот ќе бидат претставени и креации од афирмирани македонски дизајнери, но и од студенти од модните и технолошките факултети низ државата, кои ќе имаат можност пред јавноста да ги презентираат своите најнови идеи и визии за современиот моден израз.
Организаторот, Општина Штип, ја истакнува важноста на настанот како поддршка на локалната текстилна индустрија и унапредување на културниот и економскиот развој на градот. Како што информира Вишна Шорова од Општина Штип, манифестацијата ќе започне во 19 часот и ќе се одржи во простор во непосредна близина кај Царинскиот терминал, со цел да се продолжи започнатата традиција на враќање на сјајот и угледот на Штип како центар на модата и текстилот во земјата.
Настанот е од отворен карактер и е наменет за сите заинтересирани граѓани, љубители на модата, дизајнот и културните манифестации. Преку „QR кодот“ на поканата, посетителите можат лесно да пристапат до точната локација на одржување на настанот.
Штип уште еднаш ќе покаже зошто е препознатлив како креативен и индустриски центар, кој успешно ја спојува традицијата со современиот моден израз.