Оваа жена раѓа деца по нарачка – „од три деца си купив куќа и два стана“
„Од три деца си купив куќа и два стана“, искрена исповед на Алина, жената што трипати била сурогат-мајка.

Пред војната, Украина беше една од најголемите светски дестинации за сурогат-мајчинство. Илјадници странски парови, од Европа до Азија, доаѓаа да им се оствари сонот за родителство, а стотици Украинки ја прифаќаа улогата на сурогат мајки. Но малку од нив зборуваат јавно.
Една од ретките што ја скрши тишината е Алина Стахорска од Харков. Во разговор за „Дојче Веле“, таа открива делови од својот живот кои многумина би ги чувале во тајност.
„Не отидов таму како Мајка Тереза. Парите беа најважни. Тоа е вистина,“ вели таа отворено.
Алина има 32 години, живее со двајцата свои синови, и пред неколку години го родила своето трето „сурогат“ дете, едно за ирски пар, едно за германски и едно за индиски пар.
Иако одбива да зборува за точниот износ, медиумите наведуваат дека во Украина сурогат-мајките во тој период добивале околу 15.000 евра по бременост.

„Бев млада, разведена и без стан. Немав избор“
Кога првпат се решила за сурогатство, Алина имала само 21 година.
„Се разведов од првиот сопруг и останав без сопствен стан. Живеев кај баба ми, а син ми тогаш имаше само три и пол години. Видов оглас за сурогатство и отидов на тестирање во клиниката. Се плашев дека нема да ме одберат затоа што сум млада,“ раскажува таа.
Стравот не ја спречил, напротив, финансиската реалност ја туркала напред.
„Немав ни најмала дилема. Знаев зошто тоа го правам.“
Поддршка и осуда – реакциите на околината
Не криела од своето семејство, ниту од соседите.
„Родителите живеат во Русија, а јас останав во Харков кај баба ми. Тие знаеја, пријателите исто така. Имаше луѓе што мислеа дека ги ‘продавам своите деца’, но многу од моите пријателки, десет до петнаесет, сами влегоа во програмата по моја препорака.“
Клиниките често се претставуваат како хуманитарен мост-поврзаност меѓу жените без деца и сурогат-мајките, но Алина не ја романтизира ситуацијата:
„Не отидов да ‘помагам на парови’. Отидов по пари. И денес сум во контакт со тие родители и се радувам што им помогнав, но јас имав свои цели.“

Трите бремености што ѝ го променија животот
Парите ги искористила практично:
„По првата бременост платив половина од триособен стан. По втората, половина од двособен. Подоцна ги продадов двата, па купив еднособен, па и него го продадов. Со третото дете купивме куќа во Харков и два автомобили.“
Таква финансиска можност, вели, никогаш не би имала ако не била сурогат-мајка.
Физички, првата бременост ѝ била најтешка:
„Имав мачнини, син ми беше мал и бевме затворени дома. Вториот и третиот пат веќе знаев што ме чека.“
Најтешко ѝ паѓале постојаните хормонални инјекции и редовните медицински проверки.
Забрани, исхрана и ограничувања: „Може сè, освен секс, пушење и алкохол“
Програмата бара строга дисциплина:
„Мора да се внимава. Може да работиш речиси сè, освен сексуални односи, алкохол и цигари.“
Последната бременост ја поминала додека била веќе повторно во брак.
„Мојот сегашен маж беше строго против. Но му реков, нема друг излез. Тој е заварувач со нередовни примања, јас не можам да работам, а имаме син и сметките мора некој да ги плати. Кога виде дека не се откажувам, се помири.“
И покрај почетната недоверба, тој бил нежна поддршка:
„Не сме имале конфликти. Ме носеше на прегледи, ми купуваше овошје навечер. Се однесуваше како да носам наше дете.“
По раѓањето, од парите купиле автомобил, и тој денес, вели Алина, „е сосема задоволен“.
Нема мајчински чувства: „Знаев дека тие деца не се мои“
Алина без воздржување зборува за чувствата:
„Не се врзував. Знаев дека не се мои деца.“
При третата бременост, таткото од Индија ѝ пратил снимки од детски индиски песнички со својот глас за да му ги пушта на бебето во стомакот.
„Тоа го правев можеби еднаш-двапати месечно. Не секој ден.“
Разликата со сопственото дете е огромна, вели:
„Со моите деца разговарав додека беа во стомакот. Со сурогат-бременостите знаеш дека ќе родиш и тука завршува.“
По последното породување, кога го слушнала плачот на новороденчетом вели:
„Сакав да го земам. Ми беше жал. Но персоналот ме замоли да се тргнам. Почуствував тежина и заплакав.“
Сепак, таа кратка емотивна искра исчезнала штом бебето било предадено на родителите.

Првиот пат – рамнодушност. Вториот – болка. Третиот – треперење во рацете
Најинтересен е начинот на кој ја опишува разликата во бременостите, односно во породувањето:
„Првиот пат бев рамнодушна. Вториот пат го доев бебето, и кога го земаа, тешко ми падна. Мислев на него со месеци.“
Германскиот пар кому му родила дете ја посетил седум години подоцна.
„Не му кажале која сум. Ме претставија како ‘познаничка’. Но кога тргнав на средбата, заплакав. Не знаев како да се однесувам.“
Со индиското семејство разменува фотографии:
„Таткото ми праќа фотографии. Му посакувам здравје, но не чувствувам мајчинска љубов.“
Децата знаат дел од вистината
Постариот син на Алина знае дека мајка му раѓала туѓи деца:
„Ги памети родителите од втората бременост. Ги виде кога ни дојдоа дома со подароци“ – искрена е таа.
А на прашањето дали пак би била сурогат-мајка, одговара.
„Би била сурогат-мајка уште еднаш. Само уште еднаш. Да, би сакала уште еднаш. Ако ме примат, подготвена сум. Само уште овој пат,“ вели таа.



