Оваа храна не му ја давајте на детето кога има температура – може да ја влоши состојбата и да ја отежне борбата со инфекцијата
Еве кои намирници треба да се избегнуваат кога детето има покачена температура.

Покачената телесна температура е еден од најчестите симптоми кај децата при различни инфекции. Таа претставува природен одбранбен механизам на телото од разни патогени, но не е пријатна, особено кога се работи за повисоки температури.
Важно е да се знае дека одредени намирници можат да ја влошат или продолжат оваа состојба. „Medical House Calls“ открива каква храна треба да се избегнува кога детето има температура.
Храна со многу шеќер
Слатки, колачиња и засладени пијалаци можат негативно да влијаат врз имунолошкиот систем.
Прекумерната консумација на шеќер предизвикува воспаление и ја намалува способноста на телото да се бори против инфекцијата. Овие намирници обезбедуваат „празни калории“ кои не придонесуваат за нутритивните потреби, што може да доведе до пад на енергијата и да ја отежне работата на организмот.

Зачинета и мрсна храна
Зачинетата и мрсната храна не се погодни за дигестивниот систем. Таа може да го иритира желудникот и да ја влоши мачнината ако варењето е веќе нарушено. Пржената или тешка храна е тешка за варење и одзема енергија која на организмот му е потребна за борба со инфекцијата.
Млечни производи
Иако млечните производи се добар извор на калциум и протеини, тие можат да ја зголемат продукцијата на слуз, што ја отежнува борбата со респираторни инфекции.
Сепак, некои деца не чувствуваат никакви тегоби при консумирање млечни производи, па важно е да се следи индивидуалната реакција.
Напитоци со кофеин
Чај и енергетски пијалаци кои содржат кофеин можат да придонесат за дехидратација. Кофеинот делува како диуретик и го зголемува излачувањето на урина.
Хидратацијата е клучна за регулирање на телесната температура, па затоа кофеинските напитоци треба да се избегнуваат.
Преработена и готова храна
Овие намирници често содржат големи количини сол, конзерванси и вештачки адитиви. Тие имаат малку корисни нутриенти и можат да предизвикаат воспаление.
Исхрана богата со преработена храна може да го ослаби имунолошкиот систем. Наместо тоа, подобро е да се консумира природна храна.

Храна која е добра при покачена температура
Најважно е телото да биде хидрирано бидејќи температурата предизвикува губење течности. Најдобра опција се: вода, билни чаеви (камилица, нане, ѓумбир) и ретки супи.
Свежо овошје, особено цитрусно, е одличен избор поради позитивното влијание врз имунитетот. Бананите се лесни за варење и богати со калиум – важен за одржување на електролитниот баланс.
Кога станува збор за зеленчук, препорачливо е да се јаде лиснато зелено и зеленчук од семејството на зелки, како и моркови. Добри се и посно месо, риба, мешунки и житарки.
Храната богата со пробиотици, како јогурт и кефир, исто така може да помогне во зајакнување на имунитетот.