Ова се најдобрите дестинации во Црна Гора за семеен одмор со деца – плажа и сѐ на дофат, а пристојни цени
Ако барате спој на безбедност, убавина и комфор за целото семејство, овие дестинации се сигурен избор. Црна Гора нуди летување по мерка за сите, и за возрасните и за децата.

Ако сè уште не сте одлучиле каде ќе летувате, во Црна Гора навистина има мирни места за одмор со деца.
Кога родителите избираат каде ќе летуваат со децата, обично внимаваат на неколку клучни работи: да има чисти и уредни плажи, лесен и постепен влез во морето, помалку гужви и доволно содржини за најмладите, односно, детски игралишта, плитки делови за капење, продавници и ресторани. Токму затоа, идеалниот избор се помалите места во близина на поголемите центри, каде што можете да го избегнете метежот, но сепак да бидете блиску до сè што ви треба.
Доколку и вие барате токму таква дестинација, ви ги претставуваме шесте најдобри места во Црна Гора за семеен одмор, кои ги исполнуваат сите критериуми за мирно, безбедно и пријатно летување со деца.
Бечиќи
Бечиќи е познат по долгата и широка песочна плажа, а влезот во морето е постепен – совршено за деца кои допрва учат да пливаат. Водата е чиста, а на плажата и во околината има многу кафулиња и ресторани. Единствен недостаток е тоа што во шпицот на сезоната знае да биде гужва, па ако сакате помирен одмор, избегнете го јули и првата половина од август.

Рафаиловиќи
Соседно место до Бечиќи, но помало и далеку помирно. Плажата е слична, песочна, водата е мирна и влезот во морето постепен.
Идеално е за семејства кои сакаат тивок одмор, но со можност за брз пристап до Будва, ако посакате повеќе забава или прошетки.

Петровац на Море
Автентична семејна дестинација. Централната песочна плажа е прекрасна, а на само неколку минути пешки се наоѓа плажата Лучице, тивко место со природна борова сенка, особено пријатна за деца.
Местото е мало и мирно, има парк за деца, продавници, апартмани, како и сè што ви е потребно за комфорен семеен престој.

Чањ
Се наоѓа помеѓу Бар и Сутоморе, а исто така располага со песочна плажа со плитко море крај брегот, што е идеално за мали деца.
Местото е тивко и опкружено со хотели и апартмани, што го прави исклучително пријатно за семеен одмор.

Утјеха
Ако сакате вистинска оаза на мирот, Утјеха е одличен избор. Се наоѓа блиску до Бар, но не е меѓу комерцијалните и преполни дестинации.
Плажата е со камчиња, водата е мирна и кристално чиста, речиси и нема бранови. Идеално за семејства што сакаат да избегнат врева и да се поврзат со природата.

Голема плажа (Велика плажа, Улцињ)
Ова е најдолгата песочна плажа во Црна Гора, пространа на цели 13 километри!
Водата е плитка и постепено се продлабочува, што ја прави совршена за деца. Има многу простор, па дури и во пик-сезоната не се чувствува метеж. Сепак, урбаниот дел на Улцињ може да биде бучен, па се препорачува да резервирате сместување во близина на почетокот на плажата за да имате поголем мир.
